Пратеничката група на СДСМ денеска до Собранието поднесе иницијатива за постапка за утврдување на одговорност за претседателот Ѓорге Иванов кој вчера прогласи аболиција за сите политичари и нивни соработници обвинети и осудени во случаите поврзани со материјалите од прислушуваните разговори.
– Со својата, како што рече тој, општа амнестија на политичарите, Ѓорге Иванов стана заштитник на криминалците, ги погази Уставот, законите и достоинството на граѓаните што е рамно на државен удар. Дополнително му зададе смртоносен удар на договорот од Пржино – рече координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугаревски.
Според него, иницијативата досега е потпишана од 37 пратеници, а во изјавата дадена пред зградата на Собранието, Сугаревски ги повика сите парламентарни партии да ја поддржат оваа иницијатива и да преземат чекор за враќање на уставниот поредок во Република Македонија.