Опозицијата го критикува крушевскиот градоначалник за новиот мобилен, тој им враќа дека неговиот преходник трошел по 500 евра за телефонски сметки

by fokus

ОК ВМРО-ДПМНЕ Крушево упати критики кон актуелниот градоначалник на градот, Томе Христоски, кој според нив, купил скап телефон во вредност од 70 илјади денари.

Според нив, градоначалникот парите ги троши на прослави, излети, пијанки и ловни дружби.

„”Штедливиот” градоначалник Томе Христоски неодамна се здоби со најновиот модел на Samsung во вредност на 70 000 денари .

Дали ова значи дека Томе на крајно домаќински начин менаџира со Општина Крушево ?

Додека граѓаните одвај составуваат крај со крај, Томе купува телефони од 70 000 денари и на фамилијарни прослави,излети,пијанки и ловни дружби оди со службените возила ……

Дали крушевчани знаат дека нивните пари одат за задоволствата на Томе?!“, велат од ОК ВМРО-ДПМНЕ Крушево.

На ваквите обвинувања, се огласи и крушевскиот градоначалник, кој истакна дека неговиот претходник, кој беше од редовите на ВМРО-ДПМНЕ трошел и по 500 евра месечно за телефонски сметки.

„ВМРО ДПМНЕ Крушево повторно се служи со лаги и манипулации со цел да наштети не само на угледот на градоначалникот, туку и работата на локалната самоуправа да ја претстави како недомаќинска и расипничка, она што беше случај со претходните два градоначалници од редовите на ВМРО ДПМНЕ.

Целосната опрема која општина Крушево ја набави од операторот ВИП, кој преку транспарентна тендерска постапка стана телефонски оператор за општина Крушево, е набавена за нула (0) денари. Набавена е опрема за потребите на општината и вработените на најекономичен начин, за нула денари.

Колку за илустрација, денес за телефони локалната самоуправа плаќа двојно и тројно помалку во споредба со претходниот градоначалник. Мојот претходник плаќал и по 30 000 денари месечно за телефонски сметки.

Информациите кои што се споделуваат од профилите на политичката партија ВМРО ДПМНЕ се нецелосни и веројатно доаѓаат од неинформиран извор, или свесно манипулираат и лажат за да наштетат на мене како градоначалник и локалната самоуправа.

Исто така, безпредметни се обвинувањата за користење на службени возила во приватни цели кога доаѓаат од страна на партијата чии функционери беа и се’ уште се симбол на недомаќинлак и непродуктивно трошење“, напиша Христоски на својот Фејсбук профил.

 

Поврзани новости