Опозицијата ги готви пратеничките листи, се прави простор за граѓански активисти и интелектуалци

by Фокус

Опозицискиот СДСМ води интензивни преговори со коалициските партнери, со граѓански активисти и со независни интелектуалци пред да ги скрои конечните пратенички листи, кои треба да бидат дефинирани до сабота, за да се усвојат на партискиот конгрес во недела.

-Се уште сме далеку околу составот на листите и носителите. Тоа нема да го знаеме до сабота. Во секој случај, се водиме од личностите, а не од бројките – изјави за Фокус првиот човек на социјалдемократите Зоран Заев.

Од она што засега е познато, при составувањето на листите не би требало да има значителни промени промени во бројот на добитни места што треба да ги добијат „помалите“ коалициски партнери на СДСМ.

-Преговорите се уште траат и се уште е многу рано да се говори за бројот на места и за имињата, иако не би требало да има промени од претходните избори, кога имавме 3-4 претставници во парламентот – вели лидерот на НСДП Тито Петковски.

Сепак, опозициските партии начелно се договориле заеднички да отстапат простор и за граѓански активисти и независни интелектуалци, кои треба да заземат околу 5 места на опозициските листи во шесте изборни единици.

-Преговорите со СДСМ треба да завршат до крајот на неделава кога ќе се знае која партија колку сигурни места ќе добие согласно анкетите, но сите партии солидарно се договоривме да отстапиме место за интелектуалци во рамки на еден поширок фронт – истакнува Дуфе Кукоски, генерален секретар на ЛДП.

Покрај Заев, досега низ медиумите проциркулираа имињата на Радмила Шеќеринска, Стево Пендаровски, Рената Десковска и други како можни носители на листа, но од Бихаќка велат дека станува збор за шпекулации.

В.С.

Поврзани новости