Оперската дива Ѓиновска – Илкова со отворено писмо до Заев: Помогнете да ја исправиме неправдата!

by fokus

Оперската дива, сопранистката Весна Ѓиновска – Илкова му упати отворено писмо на премиерот Зоран Заев на социјалните мрежи.

Истото доаѓа како реакција бидејќи оперските првенци, хорот, оркестарот, режисерите, сценските работници и други не биле изедначени со балетската фела и се чувствувале обесправени.

Таа апелира премиерот да им помогне да се исправи неправдата која им била нанесена и порачува дека е доста од поделби.

Во прилог целото писмо:

Отворено писмо до премиерот Зоран Заев! Почитиван премиер, поради фактот што синдикатот на Национална Опера и Балет НЕ се избори за нашата положба за изедначување на оперските првенци, хорот, оркестарот, режисерите, сценските работници…со балетската фела,во мојата институција постои огромно незадоволство. Ние како репродуктивни уметници ја создаваме нашата работа на сцената,во моментот, овде и сега. И секоја изведба е различна. Нема вистинска реприза. Вршиме иста дејност, иста работа, подеднаква тежина. Дотолку повеќе што се броиме на прсти ние кои имаме и меѓународни кариери. Носиме голема тежина на работата, големи стресови и одговорности за оправдување на секоја позиција. Понатаму, хорот и оркестарот се единки без кои не можеме да направиме ништо. И тие се обесправени, и јасно е нивното незадоволство. Диригентите се тие кои ја водат целата музика на сцената. Режисерите се тие кои исто создаваат своја слика на сцената. Комлексна е нашата работа, Ве уверувам. Сега сме оставени да се бориме сами и верувам ќе имаме разбирање. Не сакам веќе поделби. Доста беше. Реагирано е на сите инстанци. И до министерството, и до владата. Во трка со времето, Ви се обраќам јавно. Помогнете да ја исправиме неправдата. Со почит, Весна Ѓиновска Илкова првенец, магистер и редовен професор на ФМУ – наведено е во отворенето писмо до премиерот.

Таа е првенец во Операта и редовен професор на ФМУ. Зад себе има десетици претстави, над 20 главни улоги, учества на интернационални фестивали и гостувања во државни театри во многу земји. Нејзината кариера како професор и оперски солист трае повеќе од две децении и таа е водечки оперски драмски сопран во Македонија.

На сцената секогаш е беспрекорна, харизматична и настапува со емоционалност која ја трогнува публиката. Има освоено голем број на награди и признанија, а нејзиното мото е дека уметникот е најсилен на сцената.

Вики Клинчарова

Поврзани новости