До крајот на овој век Македонија ќе има половина милион жители помалку од сега, се вели во последниот извештај за перспективите на светското население („World Population Prospects”) на Обединетите нации. Спорд извештајот, Македонија е на 29 место во групата од 43 земји кои се соочуваат со проблемот на депопулација.
Според овој извештај, Македонија во 1950 година имала 1,2 милиони жители, во 2015 година се проценува дека имала 2.078.000, а истиот број ќе биде и во 2030 година. Во извештајот се вели дека до 2050 година бројот на населението во Македонија во апсолутен износ ќе биде помал за 141 илјада жители, или за 6,8 отсто помалку од 2015 година. Во 2050 година ќе има 1,9 милиони жители, а на крајот на векот само 1,48 милиони.
Во земјите од Западен Балкан бројот на населението ќе биде помал. Во Босна и Херцеговина се проценува дека од сегашните 3,81 милиони жители во 2100 година ќе биде 1,91 милиони. Во Албанија од 2,89 милиони во 2100 година ќе има 1,75 милиони население. И во Хрватска, според проценките на ОН, бројот на населението до крајот на векот многу ќе се намали – од сегашните 4,24 милиони на 2,61 милиони жители. Во Црна Гора во 2100 година ќе живеат 437 илјади жители, наспроти сегашните 626 илјади. Во Србија бројот на населението исто така ќе се менува во негатива – од сегашните 8,58 милиони, во 2050 на 7,33, а во 2100 година 5,33 милиони. Словенија во 2100 ќе има 1,69 милиони население, наспроти сегашните 2,06 милиони.