Со изјавата дека во Бугарија нема македонско малцинство, бугарскиот премиер Кирил Петков, се вклучи во тоталитарната штафетна трка, која ја започна Тодор Живков, пренесувана како срамна зараза преку Бојко Борисов и Красимир Каракачанов, па се до него, се вели во реакцијата на партијата на Македонците во Бугарија ОМО Илинден-Пирин .
-Но, не само Петков, туку и милиони да ја повторат лагата дека во Бугарија нема македонско малцинство, тоа нема да ја претвори во вистина, ниту пак да ги снема Македонците. Зборовите на оние кои ја негираат вистината немаат моќ да го сменат фактот дека во Бугарија има и ќе има македонско малцинство. Затоа што вредност и важност има гласот, не на оние кои негираат, туку гласот на оние кои се самоопределуваат и ќе продолжат да се самоидентификуваат како Македонци, како што се нивните татковци и дедовци, се вели во реакцијата.