ОМД: Македонија заслужува демократија, не насилство

by fokus
Обединета Македонска Дијаспора (ОМД) најостро ги осудува физичките напади врз пратениците кои се случија во Македонската куќа на демократијата – Собранието на Република Македонија.
-Овој чин го наруши интегритетот и безбедноста на пратениците. Употребата на насилство и нарушувањето на безбедноста на било кој граѓанин на Република Македонија, без разлика на полова, национална и верска припадност, е крајно неприфатливо и казниво со закон. Демократијата не признава насилство, туку цивилизиран дијалог, за кој за жал во моментов не постојат нормални услови во нашата држава, се вели во соопштението на ОМД.
ОМД исто така најстрого ја осудува непрофесионалноста на полицијата за време на збиднувањата во Собранието што е крајно спротивно на нејзината одговорност.
-Поради тоа, ОМД бара итна истрага и превземање на сите законски мерки против СИТЕ прекршители на законот вклучени директно или индиректно во неодамнешните случувања, велат од ОМД.
Истовремено, ОМД повикува на политичка одговорност за настаните и најостро ја осудува политичката елита во Македонија која покажа апсолутна политичка незрелост. Во овие судбоносни моменти за државата, лидерите се тие кои со присебност, умереност, почит кон политичкиот противник и компромис можат да ги постават темелите на успешна и стабилна демократија. Се спротивно, произведува хаос и несогледливи последици за сите нас, но најмногу за обичниот граѓанин.
-ОМД повикува на разумна кадровска политика и разумно одлучување во поставување на клучни лица на одговорни државни позиции без криминални и терористички досиеја, пракса која што е согласно со Американските, Европските и Светските стандарди. 
ОМД го повикува Македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија, од било која друга етничка припадност, медиумите, невладиниот сектор и интелектуалците да го покажат својот капацитет во изградба на стабилно и граѓанско општество. Критиките од типот – спротивен табор, се крајно контрапродуктивни и водат кон непочит и стварање омраза. Доколку навистина постои намера и искрена желба за стварање и одржување на стабилно и граѓанско Македонско општество, потребни се напорен труд и многу работа кај сите горенаведени фактори. Само на тој начин, Република Македонија ќе биде во позиција да се справи со предизвиците на функционална демократија и целосно да ги елиминира апсолутно сите националистички и шовинистички повици како од внатрешноста, така и од некои соседни земји, стои во соопштението.
ОМД апелира и на зрелост на народот и политичките лидери кои се од историска важност за внатрешната стабилност на Република Македонија и на целиот Балкански Регион.

Поврзани новости