Обединетата македонска дијаспора во писмо потпишано од нејзиниот претседател, а упатено во претседателот на САД, Барак Обама, бара тој да ја советува официјална Атина да ги смени своите ставови за Македонија и македонското малцинство.
-Во најавата на вашата посета, прес секретарот на Белата куќа рече дека Грција е „лулка на демократијата“ и дека направила многу за мир и просперитет во Европа и пошироко. Не се согласуваме со ваквата изјава поради сето она што им го направи Грција на Македонците и другите малцинства кои живеат во земјата. Грчката влада присилно исели десетици илјади етнички Македонци за време на граѓанската војна во Грција, а во неколкуте децении после тоа неколку десетици ја напуштија Грција поради економски и социјални репресии од грчките цивилни и воени власти. До денес грчката влада продолжува да ги негира правата на овие луѓе кои сакаат да си го вратат државјанството или имотите, само поради тоа што се идентификуваат како Македонци, се вели во писмото потпишано од Методија Колоски.
По потсетувањето на пресудата од Меѓународниот суд на правдата, Колоски бара од Обама без одлагање да интервенира и да ја убеди грчката влада да се однесува како што и доликува на „лулка на демократијата“.