Оливера Трајковска: Беше јасно од каде се произведува „вистината“

by Фокус

По завршувањето на пресот на кој Заев објави дека 100 новинари биле прислушувани од страна на УБК, дел од нив излегоа со реакции кои ги пренесува НОВА.

Новинарката Оливера Трајковска вели дека не може да рече дека е изненадена.

-Мислам дека најголемиот дел од нас треба да се чувствуваат поразени, бидејќи денеска требаше да дојдеме и да слушаме аудио снимки како крунскиот доказ за тоа што секој од нас го тврдеше целиот овој период, особено дека во медиумскиот простор нас ни конкурира креирана вистина. Дека невозможно е ексклузивна фотографија, тонско парче да имаат во вестите сите три телевизии, беше јасно од каде се произведува вистината, изјави Трајковска.

Новинарката Анета Додевска рече дека запрепастува фактот што 100 нејзини колеги биле прислушувани и тоа колку долг временски период сето тоа траело.

-Запрепастува фактот дека прислушувани биле стотина новинари. Она што дополнително запрепастува ако може да се верува на она што го образложија од партијата е дека зад тоа стои Управата за безбедност и контра разузнавање. Од она што можев да го видам начелно од документите што мене ми беа предадени, станува збор за исклучително долг период, некаде под затворањето на А1 па до некое скоро време, вели Додевска.

-Не се чувствувам пријатно. Папките покажуваат дека новинарите од А1 се следени и во периодот кога работела телевизијата и во периодот понатаму. Јас не знам дали тоа уште трае, но ако трае мора да престане. Новинарите во Македонија не се непријатели на својата држава и не се непријатели на својот народ. Дефинитивно ќе бараме одговорност за сето ова време во кое сме биле следени и слушани,но пред се би сакале да знаеме како тоа дошло мобилните оператори да одобрат прислушување на толку многу луѓе, не само новинари и од нив е следната истанца од коај лично јас, а се надевам и други колеги ќе бараме одговор, беше реакцијата на новинарката Сашка Цветковска.

Мери Јордановска вели дека се става под знак прашалник целото функционирање на овој систем и дека методите со кои се служи оваа власт се нехумани и брутални.

-Јас сум згрозена од ова денеска што го чувме. Од она што можев да видам станува збор за периодот по затворањето на А1 телевизија и во периодов кога работев за „Фокус “. Имам чувство реално како да сме соголени пред државата дека ги издаваме не само нашите и приватни и службени информации , туку ги издаваме и лицата со кои сме разговарале. Тука се става под знак прашалник целото функционирање на овој систем, на транспарентноста на оваа власт и на сите методи со кои се служи власта се на ваков брутален, груб, суров и нехуман начин да се откријат новинарските информации, изјави Јордановска.

Ниту уредникот на телевизијата Алсат М, Мухамед Зекири не е изненаден, но вели дека прислушуваните новинари треба да се горди што во вакви услови успеале да го зачуваат критичкото мислење.

-Можам да кажам дека сум горд како што треба да бидат сите мои колеги кои биле преслушувани од оваа тоталитарна власт затоа што имале критично мислење. Ние треба да сме горди затоа што на време сме биле визионери и сме знаеле со кого си имаме работа. Но на ова мора да се стави крај, ние мора да пратиме порака дека сите ние сме Никола Младенов, рече Зекири.

Поврзани новости