Олгица Христовска за ,,Фокус”: Музичарите како Драган Вучиќ треба со музика да се испратат!

by Fokus

Евергринот ,,Свирете ја зајди, зајди”, песна со која Олгица Христовска ја однесе победата на ,,Макфест” во 1992 година, а за која музиката ја напиша легендарниот музичар и ТВ водител Драган Вучиќ, вчера повторно одекна во етерот.

Како последно збогум за Драган, со пораката дека неговата музика никогаш нема да згасне, триесетина музичари под диригентската палка на Љупчо Мирковски, со моќниот вокал на Христовска, видеото од изведбата ја трогна јавноста.

На социјалните мрежи започна масовно да се споделува снимката, која многумина ги наврати во минатото, во времето кога Олгица беше активна на музичката сцена, и кога како што многумина коментираа, се правеа безвременски песни кои и денес траат.

Околу тоа каде е сега Христовска, која беше препознатлив лик на естрадната сцена, и којашто по успехот со ,,Свирете ја зајди, зајди” настапи на голем број на интернационални фестивали, донесе голем број на награди и признанија, и зошто талентираната пејачка на некој начин се повлече од јавниот живот.

,,Фокус” ги има деталите. Во телефонски разговор Олгица се наврати на минатите времиња, на соработката со Драган, на причините поради кои повеќе не е дел од сцената.

-Снимањето на видеото во спомен на Драган, кое се случи во вторникот, ми е втор вака тежок момент. Првиот беше пред повеќе години, кога веднаш по смртта на мој колега морав да играм во претстава, и ова сега, кога по веста за заминувањето на Драган, заедно со моите пријатели музичари, решив да пеам пред камера. Неговото заминување на сите ни падна многу тешко… Едноставно, не беше спремен да си оди, многу рано замина, многу бргу се случи се. Јас уште не можам да поверувам дека тоа е реалноста. Поради пандемијата не бев на погребот, па затоа на ваков начин го испраќаме, бидејќи музичарите треба да заминат со музика – раскажува Олгица.

Таа се присети кога за прв пат го сретнала Драган. Бидејќи потекнува од музичко семејство, нејзините се дружеле во семејството на Вучиќ. На еден семеен собир сосема случајно дошло до соработката од која што произлезе безвременскиот хит ,,Свирете ја зајди, зајди” песна која и ден денешен се слуша и пее.

-Тоа што се случи со песната на ,,Макфест” во 1992 година, но и настаните кои следеа потоа, ми се како во сон. Успехот многу ми значеше, прво место на реномираниот фестивал, по три месеци прогласување на песната за поп хит на годината, гостувања на интернационални фестивали, награди, признанија… Иако потекнувам од музичка фамилија, јас секогаш на прво место ја ставав глумата, и немав амбиции за музика. Но, со оваа песна нештата ми се сменија. Сепак, кога го завршив факултетот јас се посветив на театарот и глумата, бидејќи тоа беше моја голема желба и љубов. Кога пред десет години ја добив ќерката, решив комплетно да се посветам на мајчинството. Ги оставив глумата и музиката за некое друго време. Имам фирма која се занимава со креативна дејност, која не е поврзана со сцената. Но, исто така, веќе подолго време стои и спремен албум кој можеби го чека правиот момент да излезе во етер. За жал, на него нема ниту една песна од Драган – појаснува Христовска.

Она што е интересно, таа е една од ретките денес која нема профили на социјалните мрежи. Вели дека не се пронаоѓа во тоа и како времето и е доволно исполнето со други, квалитетни содржини.

-Знам дека можеби луѓето се прашуваат каде сум, зошто ме снема од сцената. Од театарот се повлеков во 2007 година. Во мене тлее тоа, сценското, па не е исклучена можноста пак да се вратам, дали ќе биде тоа на музиката или на глумата, уште не сум дефинирала, но дефинитивно дека таа идеа стои. Повлекувањето сепак беше мој избор – раскажува уметницата.

Околу хитот ,,Свирете ја зајди, зајди” без двоумење вели дека е нешто кое останува како една нераскинлива врска помеѓу нејзе и Драган. Се присетува дека последен пат му била гостинка во емисија посветена на макфестовските победници, пред девет години. Имале повеќе случајни средби во изминатите години, а успехот од заедничкиот музички проект оставил траен белег во нивните кариери.

На нашето прашање дали може да очекуваме нова песна која можеби ќе го повтори успехот на макфестовскиот хит, бидејќи очигледно е како публиката е желна за песни како ,,Свирете ја зајди, зајди”, вели дека за такви дела треба многу нешта да се поклопат.

-Се е тоа релевантно, секој музичар сака барем еден таков хит во кариера, кој ќе го одбележи неговиот музички пат. Многу нешта треба да се поклопат за да се добие таков резултат. Јас ја имав среќата, и верувам дека песната останува да живее и после нас – ни изјави Христовска.

Вики Клинчарова

Поврзани новости