Околу 4.500 гледачи гласале, а само 3.519 денари од ,,Макфест’’ завршија на хуманитарната сметка за Николија!

by Fokus
3.519 денари е сумата која што Општина Штип ја намени како хуманитарна помош за лекувањето на малата Николија Динова, а која што според градоначалникот Илчо Захариев била собрана од телевоутингот на фестивалот на забавни мелодии ,,Макфест’’ кој се одржа на 5, 6 и 7 октомври.

Како што веќе пишуваше ,,Фокус’’ штипскиот градоначалник вети дека сите средства од телефонското гласање на фестивалот ќе бидат донирани, но сепак сумата од 3.519 денари, собрана за трите фестивалски вечери е под сите очекувања, посебно ако се земе во предвид тоа што имаше околу 4.500 гласови од телевоутингот, информација која што беше јавно соопштена, а секое јавување беше по цена од 10 денари плус ддв.

Според Захариев, дел од средствата од гласањето ги задржувал телефонскиот оператор, но годинава имало и многу малку гласачи, па затоа не се собрала повисока сума.

,,Во минатото имавме и над 15.000 јавувања, односно телефонски гласови за време на фестивалот, но годинава не знам поради кои причини, малкумина гласаа. Затоа и првонаградениот на фестивалот, поп пејачот Зоран Илиев вети дека ќе донира дел од својата парична награда за лекување на девојчето’’ – ни изјави во телефонски разговор Захариев.

Според сумата која што Општина Штип тврди дека ја добила од телевоутингот, излегува дека дури помалку од 10 проценти од парите собрани од гласањето завршуваат во општината, додека останатите остануваат кај мобилниот оператор.

Снежана Санева од кабинетот на Захариев ни ја потврди сумата, потенцирајќи дека општината добива само дел од средствата од телевоутингот, и изразувајќи надеж дека ќе се соберат потребните финансии за лекување на девојчето.

Победникот Илиев пак, вели дека се уште не му се префрлени парите од наградата на сметка, а веднаш штом ги добие, ќе одвои дел од нив за лекувањето на Николија.

Како мало потсетување, ,,Макфест’’ годинава започна со намалување на паричните награди од страна на Министерството за култура. Од таму пред почетокот на фестивалот известија дека наместо 10.000 евра, годинава првопласираниот тим добива 1.000 евра, второпласираниот наместо 7.500 евра добива 1.000, а третопласираниот наместо 5.000 евра, добива 500 евра.

Веднаш по нивната одлука, Захариев се јави со соопштение, со кое информираше дека нема да биде како што одлучило министерството, туку пејачите ќе добијат поголеми парични награди. Така, првата награда ја зголеми на 5.000 евра, втората на 4.000 евра, а третата на 3.000 евра. Останатите награди, како што се дебитант или сценски настап, останаа во вредност од 500 евра.

Токму овој негов потег ја разгневи јавноста, па на социјалните мрежи се апелираше високите парични награди наменети за пејачите да бидат пренаменети за лекување на болни деца или пак за социјално загрозени граѓани.

Хуманитарната акција за лекување на Николија на која и е дијагостициран голем “Porenzephaler”, дефект на мозокот сеуште трае, и сите кои што сакаат да се вклучат, можат да донираат на жиро сметката 200001907750984, Трајче Динов, со назнака донација, или пак на телефонскиот број за донации VIP 143461.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости