Основното јавно обвинителство денеска соопшти дека продолжува работата на Комисија за следење на изборни нерегуларности која беше формирана од страна на Јавниот обвинител на Република Македонија во март 2016 година.
Од ОЈО велат дека формирањето на Комисијата од Јавното обвинителство на Република Македонија е во насока на заштита од криминални или други против законити дејствија и за следење на евентуални изборни нерегуларности што би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите на 11 декември 2016 година.
-Со Комисијата претседава јавен обвинител од Јавното обвинителство на Република Македонија, а членови на Комисијата се четворицата Виши јавни обвинители и Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје. Истите се задолжени да го следат изборниот процес и притоа за сите настани за кои ќе оценат дека даваат индиции за евентуално сторени изборни нерегуларности да даваат задолженија за итно постапување од страна на Основните јавни обвинителства. Формирањето на Комисијата е дополнително преземена мерка, која се одвива паралелно со досегашниот начин на следење на изборните процеси преку воспоставување на посебни дежурства на јавни обвинители во обвинителствата, а која продолжува и за овој изборен процес, се вели во соопштението на ОЈО.