Охридскиот градоначалник „ја фрли ракавицата”: Колку функционери ќе се решат да живеат два месеци со минимална плата?

by Fokus

Покрај штипскиот градоначалник Благој Бочварски, кој порача дека ќе земе минимална плата за месеците април и мај, а остатокот ќе го донира во Ковид 19 фондот, и охридскиот градоначалник Константин Георгиески се откажува од останатите средства од нето платата. Истите ќе ги уплател на сметка на Црвениот крст во Охрид.

-Поради лична желба, одговорност и солидарност во овие моменти, кога сите капацитети и ресурси се насочени кон побрзо надминување на кризата со Корона вирусот Ковид-19, сакам да ја информирам јавноста дека и покрај денешната одлука на Уставниот суд, за месеците април и мај ќе подигнам плата од 14.500 денари, а останатите средства до целиот износ на нето платата, ќе ги уплатам на сметка на Црвен Крст Охрид за обезбедување на прехранбени пакети за социјално-ранливите семејства од нашата општина – информира Георгиески.

Тој исто така упати апел и до останатите јавни функционери да го следат неговиот пример и да покажат солидарност. Со оваа мерка се засегнати 2.060 функционери. Останува да се види колку од нив ќе се решат да ги поминат месеците април и мај со минимална плата од 14.500 денари, во име на солидарноста во време на светска пандемија.

-Упатувам апел до сите носители на јавни функции да го следат овој пример. Само со лична одговорност можеме да дадеме придонес во оваа специфична ситуација. Секој поединец може да придонесе. Да продолжиме посветено да ги почитуваме сите препораки, да бидеме совесни и одговорни, бидејќи од нас зависи – напиша градоначалникот на социјалните мрежи.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости