Огромна штета направиле дрвокрадците и шумските пожари во кочанскиот регион

by fokus

Околу еден милион денари е вкупно проценетата штета што во првите три месеци годинава е предизвикана со бесправното сечење и од шумските пожари во кочанскиот планински регион.

Според информацијата од подружницата на ЈП “Македонски шуми“, регистрирано е дека дрвокрадците украле над 50 кубни метри буково и дабово дрво од падините на Плачковица и Осоговските Планини.

– Најголема шумска површина е уништена во атарот на трите села од општина Зрновци, каде дрвокрадците однеле над половина од вкупната количина бесправно исечено дрво на територијата што е под наша надлежност. Нешто помалку бесправно исечени стебла има на спротивната страна, во Осоговијата, каде во атарот на сите планински кочански села е уништена шума во вредност од над 200 илјади денари, истакна Благој Диванисов, раководител на шумската подружница „Осогово“.

Дополнителна штета е нанесена од шумските пожари, што од почетокот на годината до крајот на март зафатиле 42 хектари, од кои најмногу биле во атарот на осоговските села Пресека и Цера.

Според одговорните во кочанската подружница на “Македонски шуми“, податоците се добиени по извршениот теренски увид на шумочуварската служба. Оценка е дека тоа не ја дава реалната слика за бесправната сеча во Кочанско, односно дека штетите се многу поголеми.

Поврзани новости