Гевгеличанецот кој ограби казино пребегал од Грција каде бил осуден за разбојништво

by fokus

Против 40-годишниот гевгеличанец кој ограби казино на почетокот на јануари во Гевгелија, при што одзеде 150.000 денари, е покренет обвинителен акт и му е определена мерка притвор.

Обвинителството го товари за недозволено изработување, држење, посредување и тргување со огнено оружје. Според Обвинителството, гевгелчанецот кај себе неовластено држел огнено оружје – ловечка пушка марка Чешка збројевка со калибар 16 мм. и 8 ловечки куршуми со истиот калибар.

„На ден 09.01.2019 година околу 02.40 часот од електронското казино во Гевгелија, заканувајќи се со пушката одзел пари во вкупен износ од 150.000,00 денари со намера противправно да ги присвои. Имено, обвинетиот маскиран во пределот на лицето, преку задниот спореден влез влегол во казиното и се упатил кон просторот каде се наоѓа касата. Потоа ја вперил пушката кон касиерот кој бил на работно место давајќи му знак со пушката да се оддалечи од касата. Касиерот исплашен по својот живот од ваквата закана, ја послушал наредбата дадена од обвинетиот и го напуштил просторот кај касата. Тогаш обвинетиот ги одзел парите кои се наоѓале внатре во вкупен износ од 150,000,00 денари во различни апоени и го напуштил казиното“, соопштуваат од Обвинителството.

Од таму додаваат дека имајќи предвид тоа што се работи за обвинет кој пред извесно време во Република Грција имал извршено кривично дело Разбојништво за кое бил правосилно осуден на ефективна казна затвор и избегал од државата за да го избегне издржувањето на изречената казна, како и дека повеќе пати е осудуван за кривични дела против имотот и против животот и телото на луѓето, Основното јавно обвинителство Гевгелија ценело дека постои опасност, обвинетиот да се даде во бегство или да продолжи со вршење на вакви кривични дела

„Поради тоа до Основен суд Велес со поднесениот Обвинителен акт доставен е и предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот“, велат од ЈОРМ.

Поврзани новости