Откако синоќа, околу 22.30 часот, беше уапсен поранешниот директор на ДБК, Зоран Верушевски, од обвинителството денеска информираа дека му е одреден притвор од 30 дена.
„Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против осомничено лице , кое се товари за сторено кривично дело – Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, се вели во соопштението на обвинителството, во кое никаде не се споменува името на Верушевски, но се посочува дека станува збор за поранешен висок функционер.
Оттаму додаваат дека Јавниот обвинител до судија на предходна постапка од Основен суд Скопје поднел Предлог за определување на мерката Притвор против осомничениот.
„Прифаќајки го предлогот, со Решение судијата на предходна постапка на осомничениот му определи мерка притвор во времетраење на 30 дена“, информираат од Обвинителството.
Вчера, дел од медиумите, повикувајќи се на полициски извори, информираа дека за Верушевски имало и сомневања за детска порнографија и други кривични дела, сепак од обвинителството се децидни дека против поранешниот прв човек на ДБК се води истражна постапка само за недозволено држење на оружје, без да откријат повеќе детали.