Солидарност: Владата најави отпишување на долговите на 100.000 лица, а им ги отпиша само на 4.700

by Фокус

Наспроти владината пропаганда, која тврдеше дека од 50 до 100 илјади граѓани ќе профитираат од еднократното отпишување на долговите, воведените критериуми се престроги, па затоа отпишувањето на долговите ќе важи за мал број граѓани, предупредуваат од Левичарското движење „Солидарност“.

Од таму обвинија дека наместо владата да преземе системски мерки кои ќе ја намалат сиромаштијата, таа презела маркетиншка кампања, преку која, со парите кои ги заштедила на социјалните случаи и невработените лица, сакала да се промовира во бранител на правата токму на социјалните случаи и невработените лица.

„Наспроти помпезното лицитирање со бројки од 50 до 100 илјади граѓани, Министерството за финансии вчера објави дека досега се реализирани само 4.670 барања. И дека од пријавените 41.765 граѓани, само секој деветти добил позитивен одговор! Посебно внимание заслужува и следниот податок. За отпишувањето на долговите на 4.670 лица се потрошени 430 милиони денари (7 милиони евра). Тоа значи дека просечно на секое лице му простиле долг од околу 91.000 денари. Ако се имаат предвид скромните потреби на социјалните случаи и ригорозната политика на компаниите за ускратување на услугата поради заостанат долг, останува нејасно како е можно да се има толку висок просек на износот на отпишаниот долг по примател!“, се вели во соопштението на ливичарското движење „Солидарност“.

Затоа од „Солидарност“ ја повикуваат Владата, како што велат, да престане да се мачи да изигрува социјално загрижена влада, бидејќи веќе никој не верувал во тоа.

„Нејзината антисоцијална политика е повеќе од јасна и барем нека се воздржи од трошење на народните пари на скапи маркетиншки кампањи за замајување на народот. Зашто тие повеќе едноставно немаат ефект“, пишува во соопштението.

Поврзани новости