МВР го сомничи Верушевски и за прикажување на порнографски материјал на дете

by Фокус

По обвинителството, за апсењето на поранешниот директор на ДБК, Зоран Верушевски, се огласи и Министерството за внатрешни работи. Оттаму информираат дека до надлежниот јавен обвинител доставиле два поднесока за 55-годишниот Верушевски.

„Поднесени се два поднесока поради основано сомнение дека сторил две кривични дела и тоа „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали казниво  по член 396 ст.1 од Кривичниот Законик и „Прикажување на порнографски материјал на дете“, казниво по чл.193 од Кривичниот Законик“, информираат од МВР.

Соопштенијата на двете надлежни институции, Обвинителството и МВР се разликуваат, односно од обвинителството појаснија дека Верушевски е осомничен само за нелегално поседување на оружје, а никаде не се споменува делото прикажување на порнографски материјал на дете, на кое се повикува МВР.

Од министерството истакнуваат дека врз основа на претходни сомненија за сторени тешки кривични дела, а постапувајќи по Наредба на Судија на претходна постапка бил извршен претрес во домот на осомничениот.

„При претресот, покрај другите пронајдени предмети, беа пронајдени и два пиштоли, од кои првиот марка Бровинг-Херстол калибар 9мм и вториот пиштол марка Црвена Застава М 70, калибар 7,65 мм, за кои во моментот на претресот и одземањето на оружјето не беше пронајдена дозвола за легално поседување. Поради основано сомневање за сторено кривично дело од страна на Јавен Обвинител издадена е Наредба за вештачење на оружјето“, велат од МВР.

Оттаму додаваат и дека на осомничениот му бил одземен и компјутерот.

„При првичните дигитално-форензички испитувања, утврдени се обележја за сторено кривично дело „Прикажување на порнографски материјал на дете“, за што веднаш, писмено е известен и надлежниот Јавен Обвинител. Дигитално форензичката анализа на одземените материјали ќе продолжи во текот на наредните денови“, се вели во соопштението.

Како што информираше министерството, вчера бил направен претрес и во домот на синот на Верушевски, 27-годишниот Александар.

„Извршен е претрес во домот на А.В.(27) во Струга, познат сторител на кривични дела од областа на насилниот криминал и тоа: Убиство во обид, Предизвикување на општа опасност, Насилство, Изнуди и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали. При претресот одземени се лап топ компјутер и мобилни телефонски апарати, кои исто така треба да бидат предмет на понатомошни дигитално-форензички испитувања, со цел утврдување на постоење на обележја за сторени други кривични дела“, велат од МВР.

 

Поврзани новости