Министерството за здравство на Косово објави денеска дека ја усвоило препораката за одобрување четврта доза вакцина против Ковид-19.
Како што се наведува во соопштението на МЗ, четвртата доза на вакцината е дозволена за лица над 60-годишна возраст,најмалку четири месеци по примањето на третата доза.
Одлуката доаѓа во време кога се бележи значителен пораст на бројот на заразени од Ковид-19, а опаѓа бројката на лица кои се вакцинираат.
Процентот на заразени од оние што се тестираат последните денови редовно изнесува околу 30 отсто (согласно вчерашните официјални бројки, од 1.165 тестови, позитивни резултирале 351), а бројката на активно заболени, од помалку од 100, колку што изнесуваше пред три недели, се искачи на повеќе од 1.500.
Во вчерашниот извештај на косовското МЗ, изминатите 24 часа во целата земја се аплицирани само 78 вакцини. Вкупно досега се администрирани 1,83 милиони дози. Трета доза примиле 103 илјади, додека со две дози се вакцинирани 823 илјади граѓани.