Владимир Ѓорчев во три часот по полноќ излезе да ги мотивира членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои протестираат пред Државната изборна комисија.Тој ги стиши зурлите и тапаните за да им порача дека нема заминување и дека остануваат тука се дури е потребно.
-Добро вечер браќа или добро утро! Сите знаеме зошто сме тука и не си заминуваме. Ќе останиме дури е потребно! Сите што сакате да се одморите можете да одите в кола или во автобус, оние што сакаат да се стоплат нека дојдат во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Но, нема заминување нема враќање. Имаме кондиција и остануваме до сабајле зашто победата ни е чиста како солза! – рече Ѓорчев.
По неговиот говор, присутните почнаа еуфорично да ја пејат „Едно име имаме”, а зурлите во позадина повторно се вклучија.
-Така е!, викаше Ѓорчев. „Ќе правиме циркус како што немало никогаш во државата! Не ве слушаат добро, погласно! Циркус каков што нема никаде во светот! Да живее Македонија! -заврши тој, а публиката го поздрави со овации.
Кратко после тоа, Државната изборна комисија соопшти дека седницата ќе ја продолжи утре во 12 часот, па најверојатно активистите на ВМРО-ДПМНЕ кои се дојдени од цела Македонија заминаа да се одморат. Членовите на ДИК досега одбија три приговори на СДСМ, а утре ќе одлучуваат за останатите пет и единствениот прифатен приговор на БЕСА.
И.К.