Денеска е „супер вторник“ во САД, во повеќе сојузни држави се одржуваат прелиминарни избори во двете доминантни партии.
Фаворитите во трката за претседателски кандидат на демократите и републиканците на ноемвриските избори Џозеф Бајден и Доналд Трамп би можеле да добијат практично недостижна предност по денешните внатрепартиски избори во 15 сојузни држави.
Значењето на „супер вторник“ лежи во тоа што тој ден се одржуваат прелиминарни избори во двете доминантни партии во неколку сојузни држави и дека за време на нив претседателските кандидати можат да освојат голем број делегати, кои формално предлагаат кандидати за претседател и потпретседател на САД на завршните партиски конвенции.
Овогодинешните прелиминарни избори во ниту една партија не се толку возбудливи како во претходните изборни циклуси, бидејќи Бајден како шеф на државата немаше сериозен противник, а Трамп, поранешниот претседател на САД (2017-2021), брзо стекна голема предност во однос на поранешната амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли, која беше единствената што остана во трката против него.
Добрите резултати на Бајден и Трамп во „супер вторник“ би ги доближиле и двајцата значително до номинацијата, иако ниту еден од нив не може да обезбеди мнозинство од вкупниот број делегати денеска.
За републиканците, денешниот „супер вторник“ е веројатно последната шанса за Ники Хејли да ги задржи минималните шанси во трката против 77-годишниот Трамп или барем да го забави својот пат до номинацијата.
Трамп убедливо победи на шесте прелиминарни избори досега – во сојузните држави Невада, Ајова, Мичиген, Јужна Каролина и Њу Хемпшир и на американската територија на американските Девствени Острови, а загуби од Хејли во Вашингтон на 3 март, во последното коло пред „Супер вторник“.
Трамп има четири обвиненија – две се однесуваат на обидот да ги поништи резултатите од претседателските избори во 2020 година, на кои тој загуби од Бајден. Во третиот процес, Трамп беше обвинет дека прикрил исплата на пари на порно ѕвездата Сторми Даниелс, во замена за нејзиното молчење за нивната врска, а во четвртиот дека незаконски чувал доверливи документи на неговиот имот по завршувањето на неговиот претседателски мандат.
Кај демократите, 81-годишниот Бајден досега беше непоразен на прелиминарните избори бидејќи нема сериозен противник, но американската јавност се уште шпекулира за можноста тој да се повлече од трката за неколку месеци, бидејќи се почесто се наметнува прашањето за неговите когнитивни способности.
На денешните прелиминарни избори, третина од вкупниот број делегати е „во игра“ во двете партии – републиканците можат да освојат 865 од 2.429 делегати за финалната конвенција, а демократите најмалку 1.420 од 3.936.