Одложено судењето, продолжен притворот за Савески и Куновски

by Фокус

Судското рочиште за членовите на Левица, Здравко Савески и Владимир Куновски, денеска повторно одложено бидејќи одамна изготвеното вештачење не е доставено до обвинетите и до нивните адвокати.

Претставничката на Правобранителството денеска се правдаше дека предметот бил кај нејзината колешка и таа немала увид во истиот. Бидејќи документот засега го има само еден вработен во Правобранителство, судскиот процес повторно е одложено и е презакажан за 31 мај.

Според адвокатот на Савески, Сашо Дуковски, ваквото однесување на Државното правобранителство отвора сомнеж дали постои еднаквост на оружјата и положбата на странките во постапката.

„Во неколку други постапки за истиот предмет вештачењето е веќе доставено, а ние немаме добиено вештачење со генерално образложение од  државниот правобранител дека друг го водел предметот, па ќе се обиделе за следното рочиште да биде обезбедено, а тоа што луѓето се наоѓаат во притвор изгледа дека на никого не му е грижа што претставува лоша појава“, рече Дуковски.

 Двајцата, но и други петмина беа обвинети дека учествувале во толпа на 13 минатиот месец кога беше демолирана Народната канцеларија на претседателот. Вчера еден од демонстрантите се спогоди со судот и доби условна казна. Од обвинетите државата побарува 8.400 евра, сума која е проценета како штета, додека претходно кабинетот на Иванов тврдеше дека штетата е 15.000 евра.

Во меѓувреме, на 25 мај истекува 30-дневниот куќен притвор кој им е определен на Савески и Куновски.