Адвокатите на власта бараат СЈО да ги затвори предметите против Груевци

by Фокус 12:51
12:51

Адвокатите на аболицираните функционери на ВМРО ДПМНЕ поднеле барања до Специјалното јавно обвинителство да се затворат постапките против Груевски, Јанкуловска, Јанакиевски, Протуѓер и останатите преставници на власта чие криминално однесување е во фокусот на работата на обвинителството на Катица Јанева. Веќе неколку пати правните застапници се повикале на одлуката за аболиција на Иванов и сугерираат СЈО под итно да ги прекине сите потраги и да ги затвори предметите, исто како што направиле судовите и ги прекинале сите постапки. Одлуката за аболиција, според адвокатите на власта, се однесува на сите фази од кривичната постапка и со оглед дека е целосна, неопходно е СЈО да ги затвори постапките.

Неофицијални извори во СЈО потврдуваат дека имало такви барања на адвокатите и дека обвинителството тешко дека ќе ги затвори постапките. Во правец на ова одат јавните настапи на тандемот Ристоска- Фетаи кои повторуваат дека нема да престанат со работа и дека ќе продолжат со истрагите, исто како што во прилог им оди и фактот дека многумина за кои се почнати постапки не се аболицирани, како на пример во предметите „Титаник“, „Транспортер“, „ТНТ“.

Познавачите коментираат дека адвокатите се обидуваат да ги натераат специјалните обвинители да ги затворат предметите за да спречат нивно понатамошно истражување и евентуално нивно ново отворање во случај на повлекување на аболицијата. Овие потези на власта се во пресрет на изнаоѓање начин како да се укине аболицијата, откако меѓународниот притисок стана посилен и подиректен. Некои пак коментираат дека и да се затворат постапките во СЈО врз основа на аболицијата, тие ќе можат да се преотворат затоа што ќе бидат претходно затворени според незаконска аболиција.