Влошената здравствена состојба на обвинетата Надица Николиќ, го одложи денешното рочиште за судскиот предметот „Тврдина-Таргет”.
Адвокатот Љупчо Шврговски изјави дека матичниот лекар ја известил обвинетата дека лекувањето ќе трае 10 до 15 дена. Одбраната воедно, истакна дека дијагнозата на обвинетата е акутен бронхид и истата прима антибиотици. Кривичниот совет предводен од судијката Џенета Бегтовиќ, во овој случај изјави дека за денеска ќе го оправдаат отсуството на обвинетата, но тоа не значи дека ќе го направат и на 15 јануари, на следното рочиште. Во меѓувреме од судот најавија дека ќе стапат во контакт со матичниот лекар за дополнителни информации.
Иако денеска на предлог на одбраната беше предвидено да сведочат Ѕвонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски, двајцата укажувачи кои го обелоденија скандалот со масовното незаконско прислушување. Но, пред да се одложи денешното рочиште одбраната изјави дека го повлекува предлогот за лицето Ѓорѓи Лазаревски да биде сослушан како сведок.
Обвинети во овој предмет се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и неколку вработени во поранешното УБК кои се товарат за нелегално прислушување на над четири илјади телефонски броеви во периодот меѓу 2008 и 2015 година.