Одложена е денешната судската расправа за случајот „Сопот“ затоа што одбраната побара повеќе време за подготовка. Адвокатите на обвинетите велат дека е потребно време за концентрација на доказите откако случајот го презеде Специјалното јавно обвинителство.
За следното сослушување предвидено е да сведочи Рамадан Бајрами. Адвокатот, Насер Рауфи, вели дека не е исклучена ни можноста како сведоци да бидат повикани екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и екс директорот на УБК, Сашо Мијалков.
-Сега за сега мислам дека нема потреба, се што имаше да си кажат, тие си кажаа, но не се исклучува таа можност – вели Рауфи.
Овој случај беше споменат во прислушуваните разговори што ги објави СДСМ. Во наводниот разговор меѓу Јанкулоска и Мијалков се прави договор како да се постапи со осудените во „случајот Сопот“, за кои и двајцата соговорници признаваат дека се невини луѓе, но нивната судбина се користи за преговори со коалицискиот партнер ДУИ.
„Значи немаше предмет таму. Нешто пишуваше, они се бунеа, демек човекот го снемало тој што бил како сведок за ’Сопот’ и после одеднаш човекот сам признава дека било…“, му вели наводно Јанкулоска на Мијалков на што тој одговара: „Значи они имаат окапано, имаат одлежено и сега ако се повлечат обвиненијата што? Они одлежале и вака и така.“
Понатаму во истиот разговор, станува збор и за доказите во случајот.
„А тоа дека немало многу докази, немало“, вели наводно Мијалков. „Не, не. Ја ти викам, немаше ни документи, ни ништо, ни во книгата…“, одговара Јанкулоска, по што двајцата соговорници се согласуваат дека евентуалната ослободителна пресуда за обвинетите „не би била добра за судството“.
За случајот беа обвинети единаесет жители на кумановското село „Сопот“, за убиство на двајца НАТО војници од полскиот контингент и еден македонски цивил кои загинаа од поставена мина.