Одговорноста треба да има име и презиме

by fokus

Реставрација на довербата, но и на вредностите е особено важна во овој период пред референдумот каде ние како граѓани ќе треба да се согласиме или не, на прилично голема жртва во корист на евроинтеграциите кои би значеле прогрес, но и збогување со мрачните остатоци од груевизмот. Или уште поедноставно, ние може да излеземе од груевизмот, но тој да не успее да излезе од нас.

Пишува: Ида Протугер Вељковиќ

Реставрацијата на довербата кај граѓаните дека функционерите и власта работат во нивна корист со одговорно управување на заедничките пари, е една од клучните промени што треба да покаже дисконтинуитет од груевизмот.

Огоромен број од граѓаните кои имаа извесни трауматски искуства во време на груевизмот (загрозена безбедност, слобода, притиснати од неправда), страдаат од своевиден Пост-трауматски стрес синдром. Груевизмот, слично на елементарна непогода ги руинираше претходно разнишаните темели на вредносниот систем и направи карикатура од поимите слобода, правда, отчет и одговорност.

Таквото цунами од неморал, лажирање, криминал и корупција доведе до сериозна криза на идентитетот кај многумина, кои биле воспитани дека правдата, слободата, одговорноста и почитта кон туѓите права како основни цивилизациски вредности не дефинира како луѓе. Тие цивилизациски вредности беа целосно непожелни и неприменливи во груевизмот, но можеби и беше потребно такво драматично нивно обезличување, за да биде појасната разликата што е, а што треба да биде.

Оттука, граѓаните сега се хипер сензибилизирани и силно реагираат на секаква реминисценција на таа колективна траума која ги потсетува на “она што никогаш повеќе не смееше да се повтори”. Токму аферите каде постојат сомнежи за корупција се прилично силна дразба која не враќа на трауматските искуства, бидејќи криминалот и корупцијата беа звезди-водилки во груевистичкиот начин на владеење.

Две афери во изминатиот период го оптоварија Сиви-то на владата на премиерот Зоран Заев со сомневање за непотистичко/корупциски спреги кои засега поминуваат без одговорност, а со многу оправдувања.

Кај скандалот со тендерот со централизираната набавка на реагенси, тргнувам од претпоставката дека да биле најчесни намерите да се воведат реформи во здравството.

Да бидам искрена, настапот на министерот за здравство ми остави личен впечаток на доверба дека тој не го знаел исходот од овој тендер, ниту пак фирмата која конкурирала. Но непобитен факт е дека работата некаде била згрешена и потребно е некој да понесе одговорност. Прекинатата тендерска постапка покажува почит кон јавноста, но останаа многу неодговорени прашања. Кој ќе ја превземе одговорноста за црвот на сомнеж дека фирма формирана неодамна, со спецификации кои единствено ги исполнувала, беше единствено пријавена на овој голем тендер и потенцијален добитник? Зошто не е обелоденето кој ги правел спецификациите, каде во синџирот на одговорност е потфрлено и ако министерот не знаел, кој знаел и дали ќе биде разрешен што си поиграл со довербата и парите на граѓаните?

Праксата вообичаена при меѓународни тендери, со цел да не се трошат залудно пари на консултанти и тендерски постапки, е прво да се објавува оглас за пројавување интерес. Потоа се испитува интересот и ако постои, се оди понатаму. Министерот рече дека имало консултации со заинтересирани страни, но тие не беа пресликани во натамошната постапка. Недостасуваат одговори зошто? Ако има некоја спрега меѓу фармацевски копании да се бојкотира тендерот, јавноста има право да знае кој бил на состанокот каде се пројавувал интерес и како течеле консултациите. Токму за да се исчисти дамката што сега стои на функционерот.

Натаму, каде лежи пропустот што не биле викнати сите новинари на пресот каде се расчистуваше скандалот, ако целта била правилно информирање на јавноста? Зошто ПР службата не носи одоговорност за таа грешка и евентуално лошите подготовки за да се искомуницира оваа реформа со јавноста?

Мене на пример, изнесените аргументи дека зад фирмата на Жути, која добила лиценца четири дена пред аплицирањето стоела реномирана компанија, веднаш ми разбуди реминисценции на скандалот од 2008 година наречен “Хотелска ОКТА”. Зад тазе регистрираната човек-фирма која требаше да гради хотел зад Рамстор во центарот на градот, стоеше реномирана фирма како покритие, “Резидор груп”, која пак имаше уште пореномирани франшизи од најреномирани хотелски брендови. Хотелот ден денеска не е изграден.

Значи јавноста мора да добие одговори на сите сомнежи и непознати во равенката, за да почне реструктурирање на довербата.

Во однос на вториот случај, парите од Фондот за иновации, исто така до сега има мноштво оправдување, а без одговорност. Никој ли не треба да одговара за пропустот што изби скандал, без оглед на убавата идеја и да речеме, чесните намери? Кој ќе им го надомести стресот и непријатностите што ги доживеаја чесните добитници на оваа поддршка? Директорот изјави дека сопругата му рекла дека треба да биде горд. Се разбира, тоа е убава поддршка, но се сведува на лично чувство кое нема многу врска со одговорноста во целиот процес. Дали некој има сомневање дека мајката на екс премиерот Нада му вели секое утро на синот дека треба да биде горд на своите дела? И ја менува ли тоа нашата перцепција за него? Резултатите се нешто кое е подлежно на оценка, а тие сега се прилично климави.

Без одговорност, а само со оправдување, овие случаи само ќе го оптоварат портфолиото на оваа влада, но нема да се заборават. Ниту еден скандал од владеењето на Груевски граѓаните не го заборавија, само во недостиг на правда, се таложеше незадоволството и гневот.

 

Референдумот треба да ја оправда потребата од промени

Ако пак се потврдат шпекулациите дека и брачни другари на вработени во Фондот (хонорарно или во редовен однос) добиле средства, како ќе се гледа на целата операција? Повторно ми се јавува реминисценција на делењето пари во 2010 во Агенцијата за европско образование на блиски и пријатели. Што правиме со главното ветување дека “тоа нема никогаш да се повтори”?

Зошто актуелно не е разрешен некој што направил превид дека се потребни изјави за сопственичка неповрзаност со функционери, носители на јавни функции и вработени во Фондот за иновации? Кој е тој што дозволи да падне дамка на целата убава идеја? Изјавата на премиерот Заев дека немало да бара одговорност затоа што ќе немало со кого да работи е грубо потценување на јавноста и елиминирање на одговорноста како принцип. Во такви услови, а судејќи според изборот на советници на премиерот, не би било изненадување да се појави потреба и од Мијалков, како советник за бизнис иновации на пример. Ако не се зема предвид одговорноста, искуството го прави човекот идеален советник во таа област. Исто така, ако премиерот продолжи со кадровска политика на партизација на институциите (и тука не мислам на главните актери во посочените афери туку генерално во сите институции), да, можеби партиските кадри се избројани. Но, Македонија има квалитетни луѓе кои никогаш нема да добијат шанса да направат промени затоа што не се дел од партиските структури. И ќе си заминуваат надвор.

Реставрација на довербата, но и на вредностите е особено важна во овој период пред референдумот каде ние како граѓани ќе треба да се согласиме или не, на прилично голема жртва во корист на евроинтеграциите кои би значеле прогрес, но и збогување со мрачните остатоци од груевизмот.

Референдумот не е само анкета колку од нас се подготвени на промена на името за влез во ЕУ, туку тој треба да ја оправда потребата од промени. Дали сме подготвени на промена во секој од нас, која ќе не доближи до европските вредности. Референдум на кој ќе се договориме дека одново правдата, слободата, очетноста и одговорноста како синоними за ЕУ вредности, ќе завладеат на овие простори. на овие простори. И дека ги посакуваме. Промената сигурно нема да се случи преку ноќ со отпочнување на преговори, но ќе отвори поинакви видици кои несомнено ќе поттикнат позитивни промени.

Или како што вели Елена Михајлова во колумната “Новите Македонци”, “Тренингот на стандарди не може Македонецот на режимот да го претвори во културен деец, но може од неговата ментална празнина да ја отстрани социјалната агресија. Се работи за тоа да се преобразат начините на мислење и чуствување кои се наметнати со ресентиментичниот национализам и со коруптивниот менталитет и тенденции кон овластени злоупотреби кое ја уништува самата смисла, кое нѐ уништува нас како луѓе”.

Или уште поедноставно, ние може да излеземе од груевизмот, но тој да не успее да излезе од нас.

Затоа, за да не се потхранува погрешниот “кодекс” на однесување на Македонецот на режимот, одговорноста мора да влезе на голема врата во принципите на владење.
И тоа веднаш, пред референдумот.

Поврзани новости