Одговорност за Тамара!

by lali 13:08
13:08

djelalЗгасна животот на Тамара. Згасна поради калкулациите за бедни 30.000 евра. Некои велат дека е и поради потребата од реклама на власта, наводно се чекало да се отвори Центарот за сколиоза.

Важно е да се знае дека семејството на Тамара, парите потребни за операција ги собирало преку донации, кои престанале да се собираат откако Тодоров изјавил дека од страна на државата ќе биде дозволена таа операција и девојчето ќе биде упатено на лекување во странство. Со таа изјава јавноста е информирана дека проблемот на Тамара ќе се реши со државни пари, па семејството веќе никогаш не успеа да продолжи да собира донации, а беа на добар пат да ги соберат.

Немам намера да ги спомнувам другите скандали на министерот Тодоров, од Ивона па до проблемот кој им се создаде на дијабетичарите. Само смртта на Тамара требаше да му биде доволна да поднесе оставка од морални причини. И знам дека нема намера да ја поднесе, јас одамна не очекувам морал, грам душа и образ кај кој било функционер на овој режим. Но, знаете, ако му дозволиме и ова да им помине, тогаш кај ќе ни биде крајот?!

- Advertising -

МОЛБИ ЗА ДОНАЦИИ

Министерот за здравство во Црна Гора, Миодраг Радуновиќ си поднесе оставка поради смртта на бебе од инфекција во породилното одделение на општа болница во Бијело Поље. Во неговата изјава за оставката вели дека најмалку е битен еден министер, битно е да се увидат сите грешки и да се казнат сите за кои ќе се утврди одговорност.

Во нашиот случај се гледа дека, сепак, е најважна столицата на Тодоров. Исто како и онаа на Јанкулоска по убиството на Мартин Нешкоски. Ѓукановиќ ја прифатил оставката на Миодраг Радуловиќ, а Груевски не ја прифати ниту оставката на Миле Јанакиески, кога во Охрид потона бродот „Илинден“ и се удавија 15 бугарски туристи.

Во изборните ветувања на последните парламентарни избори Груевски вети дека пациентите што се лекуваат во странство ќе треба да платат само 200 евра, а остатокот ќе биде на сметка на државата. Одобрувањето Тамара да се лечи во странство ѝ е испратено два дена по нејзината смрт! Претходно, лекувањето во странство ѝ е одбивано.

Додека го читате ова, по социјалните мрежи кружат молби за донации за лекување во странство на други луѓе. Има милиони за лавови, фонтани, споменици и за панорамски тркала, а калкулациите за 30.000 евра за лекување Тамара ја чинеа живот.

По ова, во нормална држава ќе имавме: 1) Оставка од министерот за здравство, Никола Тодоров! 2) Оставки од директорите на Фондот за здравствено осигурување: м-р Маја Парнарџиева-Змејкова и Џемали Мехази 3) Оставки од членовите на Управниот одбор на ФЗОМ 4) Оставки од членовите на првостепената и второстепената лекарска комисија 5) Кривична одговорност за директорите, членовите на Управниот одбор и од првостепената и второстепената лекарска комисија на Фондот за здравствено осигурување, поради несовесно работење во рамки на својата служба.

КЛАПНАВМЕ?

Но, Македонија одамна не е нормална држава. Денот кога Тамара почина, бесот на социјалните мрежи беше огромен, но како поминува времето, како секојдневието да им го брише сведоштвото на една голема неправда. Оваа не смее да помине. Веќе е најавен протест во вторник, кој ќе почне пред Фондот за здравство, а ќе заврши пред Министерството за здравство.

Тодоров нема намера да поднесе оставка, Груевски уште помалку има намера да го смени. Ако тие не чувствуваат морална одговорност, наше е да го кренеме гласот и да не дозволиме повеќе Тодоров на раат да биде министер за здравство. Во спротивно, нашиот молк и нам ќе ни го одземе моралот. Тамара можеше да биде сечие дете.

Ова е момент кога треба на секој прес на Тодоров да одиме со слика на Тамара. Ова е момент кога и пред неговиот дом треба да се собираме со слика на Тамара. Едноставно, нивните калкулации секој ден да им ги потураме под нос затоа што Тамара ги плати со живот. Или толку од гневот, а? Клапнавме? За нас животот продолжува, нели?

Тоа што родителите на Тамара на вести ќе го гледаат „реформаторот“ Тодоров и ќе ги потсеќа на голготите на Тамара, ќе го дефинираме како судбина, нели? Целото зло што ни се случува е поради нашиот молк, а злото секому од нас ќе му тропне на врата на некој начин. Јас нема да се смирам додека Тодоров е министер, јас нема да молчам и да заборавам!

Поврзани новости