Одговор на Фокус: На јавноста ѝ треба вистината за „Пасошите“!

by Фокус

Во врска со вчерашните наводи на некои медиуми, кои се обидоа  аферата „Пасоши“ да ја претстават како завршена работа, должни сме како редакција „Фокус“ да објасниме неколку работи.

Прво, од самиот брифинг на МВР, даден за неколку одбрани медиуми, станува јасно дека аферата „Пасоши“ ќе има продолжение. Имено, никаде во наводите на МВР не стои дека такви лажни пасоши воопшто не се создавале, туку напротив, стои дека некој навистина фалсификувал пасоши, но дека тоа го правел „на дилетантски начин“.

За да се образложи ваквото тврдење, ТВ Сител, на пример, пишува:

Дополнително, полицијата утврдила дека лажните пасоши се изработени крајно дилетантски, односно, утврдени се грешки кои не би ги направил некој што има барем основно познавање во работењето. Анализата покажала дека се работи за целосен аматеризам, кој може да го открие секој човек“, јавува Сител.

Се поставува прашањето, дали изработување пасоши на дилетантски начин не е кривично дело? Или, според МВР, кривично дело е само ако се прават пасоши на недилетантски начин.

Второ, вештачењето на МВР покажало дека фотографиите се направени со телефон „самсунг галакси С4“, пред два месеца, во периодот од 22 часот и 47 минути на 8 септември до 5 часот и 32 минути на 10 септември утрото.

Според Сител, „ваквиот временски интервал ги побива тврдењата на опозицијата и нивниот медиум дека пасошите се користеле за изборни нерегуларности, имајќи предвид дека последните избори завршија на 27 април, или речиси 5 месеци пред да бидат направени фотографиите и видеото што го објави Фокус“.

Доколку е точна експертизата на МВР, тука се поставуваат две прашања.

Првото, дали снимката е непобитен доказ дека вакви пасоши не се изработувале и претходно? Логичен одговор е дека од снимката тоа не може да се утврди, но истрагата на обвинителството ќе треба да докаже колку време постоела или постои таа „тајна фабрика“.

И второто, дали ако се изработуваат пасоши што не биле користени за избори, ами за некоја друга цел, тоа не е кривично дело. На пример, ако се печателе пасоши за мигранти или за криминалци, или за трета намена, дали тоа значи дека веќе не постои аферата „Пасоши“?

Трето, дел од медиумите инсинуираат дека „Фокус“ видеото до обвинителството го доставил преку анонимна пријава, и дека тоа сме го направиле сомневајќи се дека станува збор за класична манипулација и дека сме стравувале оти ќе се соочиме со кривична одговорност за лажно пријавување?!

Не е точно ниту дека доказите се доставени преку анонимна пријава, ниту, пак, дека сме се сомневале во нив. „Фокус“ јавно кажа дека ги достави доказите до обвинителството уште пред да биде објавена аферата во неделниот весник, за што имаме и архивиран доказ од јавното обвинителство, кој, за да нема никакви сомнежи, го приложуваме.

fokus do obvinitelstvo

На крајот на краиштата, се поставува и прашањето, ако самото МВР, преку брифинг до медиумите потврдува дека некој некаде произведува лажни, како што велат„дилетантски“ пасоши, зошто тогаш „Фокус“ би се сомневал во „аферата“.

Четврто, станува јасно дека провладините медиуми се обидуваат на целата афера да ѝ дадат политичка димензија. Нејасно е зошто владата не е загрижена, што некој некаде фалсификува државни пасоши, макар и дилетантски, и наместо да влезе во сериозна акција да ги открие фалсификаторите, таа се занимава со целта на неделникот „Фокус“.

За да им ја олесниме работата, еве уште еднаш потврдуваме: при објавувањето на аферата и на снимките нашата цел беше да сугерираме на можен криминал што се одвива на непозната локација. Тоа и го сторивме.

Со почит, редакција „Фокус“

Поврзани новости