На ден пред студентскиот марш, се зголемуваат притисоците и заканите врз студентите и средношколците

by Fokus 12:18
12:18

На само еден ден пред најавениот студентски марш, се зголемуваат притисоците врз студентите и средношколците кои планираат утре да излезат и гласно да кажат „не“ за полагање државен испит што им го наметнува Владата. Веќе десетина дена, тие се на удар на премиерот Никола Груевски, кој не пропушта прилика да нагласи дека студентските протести се организирани од подмладокот на опозицискиот СДСМ и фондацијата СОРОС, а тука редовно се и провладините медиуми на кои секојдневно се појавува по некој студент, кој кажува дека нема намера да излезе на партиско организирани протести.

Според неофицијални информации на „Фокус“, директорите на повеќето училишта добиле наредба да најдат начин да ги спречат средношколците да се појават на утрешните протести против екстерното тестирање, а веќе два дена по социјалните мрежи и медиумите се врти видео во кое неколку директори на училишта се собираат во гимназијата „Јосип Броз Тито“ на неработен ден. Останува нејасно прашањето – што правеле директорите на работа за време на државен празник, кога сите училишта се затворени?

- Advertising -

Пред неколку дена, Студентскиот пленум на својата фан страна на фејсбук споделија преписка, во која на студентка од внатрешноста и се врши притисок да не излегува на новиот студентски марш. Се шпекулира дека, повеќето од студентите се под постојан притисок и закани да не излегуваат на закажаните протести, бидејќи може да имаат последици.

– Колку и да се вршат притисоци и закани нема да успеат да нѐ спречат да излеземе на студентски марш и да го искажеме нашето незадоволство од реформите во образованието, кои повеќе ни штетат, отколку што ни помагаат. Ниту сме партиски организирани, ниту сакаме некоја од партиите да се меша. Нашата цел е да избориме да не се спроведе државниот испит – велат дел од студентите, кои сакаа да останат анонимни.

Откако беше закажан вториот студентски марш за 10 декември, премиерот Груевски секојдневно излегува со изјави во која ги обвинува идните академски граѓани дека се партиски мотивирани и дека позади нивните протести стојат СДСМ и СОРОС.

–  -Ако сте способни, толкави мажи, организирајте митинг, не се сокривајте зад децата. Смислете некоја причина и организирајте митинг – рече премиерот Груевски на конференцијата посветена на жените.

Студентскиот пленум утрово на импровизирана прес- конференција пред платото на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ја најави маршутата за утрешниот протест.

 

 

 

Поврзани новости