Одбраната побара да се отфрли обвинителниот акт за „Пуч“, го оценија како апсурден и паушален

by fokus

Во Основниот суд Скопје 1 денеска се одржа јавна седница за оцена на обвинителниот акт за случајот „Пуч“, во кој меѓу обвинетите се и лидерот на СДСМ, Зоран  Заев и поранешниот директор на ДБК, Зоран Верушевски. Во судницата иако, поради службени обврски, не присуствуваше Заев, сепак расправата се одржа, на која обвинителот Златко Биковски побара да се стартува со судскиот процес, а одбраната возврати дека обвинението треба да се отфрли, бидејќи е правно неиздржано и без докази.

-Утврдено е дека постојат доволно докази од кои може да се донесе осудителна пресуда, од кои причини и го поднесовме обвинителниот акт, рече накусо обвинителот Биковски, кој во судницата беше придржуван од неговата колешка, Лиле Стефанова.

Ова значи дека обвинителството останува на ставот дека на Верушевски, неговата сопруга Соња Верушевска, Заев, Ѓорѓи Лазаревски и на Бранко Палифов, треба да им се суди за шпионажа, неовластено снимање и насилство кон највисоки државни органи.

Одбраната пак остро се спротистави на ваквото барање , истакнувајќи дека го оспоруваат обвинението за сите три кривични дела. Адвокатот Филип Медарски, истакна дека обвинителството не поседува докази дека, веќе осудениот Звонко Костовски и Лазаревски неовластено прислушувале по налог на Верушевски. Покрај неможноста тоа технички да го изведат, без во системот да остават трага, Медарски додаде и дека обвинителството не образложило колку точно луѓе биле прислушувани, кои точно нивни разговори биле прислушувани и колкав временски период?

Потоа адвокатот Медарски истакна дека во обвинителниот акт не е прецизирано и за која странска држава, служба или лице наводно било вршено прислушувањето.

-Ова се три различни субјекти и морало точно да се прецизира. Ако нема точен субјект, тогаш не може да се зборува дека постои шпионажа, истакна Медарски.

Тој, како и останатите адвокати ги оспори и доказите, потенцирајќи дека поголемиот дел од нив не можат да се користат, бидејќи протекоа во јавноста, иако беа обезбедени со употреба на посебни истражни мерки, а истакна и дека прислушувањето и следењето на електронските комуникации на Заев биле изведени на незаконски начин.

-Се што излезе во јавност судот треба да го издвои од листата на докази, а веќе со поднесување на кривична пријава побаравме одговорност поради протекување на овие тајни информации, рече Медарски.

Тој објасни и зошто Заев бил нелегално прислушуван, односно според него, барањето можело да го поднесе министерот за внатрешни работи или лице овластено од него. Потоа ова барање се поднесува до јавниот обвинител, кој пак го доставува до судија во Врховниот суд. Судијата, пак, е тој кој ја носи наредбата за следење на комуникациите, а во конкретниот случај тоа го сторил судија од Кривичниот суд, што не е предвидено за вакви кривични дела. Според адвокатот паушално е и тврдењето на обвинителството дека Заев го загрозил Уставот и безбедноста на државата, а барањето на Заев за техничка влада и предвремени избори не е насилство врз Груевски, туку легитимно политичко барање на опозицијата. Одбраната потенцираше дека одлуката за техничка влада ја носи Собранието, а не претседателот на Владата.

Дека обвинението е апсурдно за одбраната говори и фактот што Заев беше повикан и присуствуваше на седницата на Советот за безбедност, иако го гонат за шпионажа.

Судскиот совет сега има рок од 15 дена да се произнесе, односно да донесе одлука дали ќе го прифати обвинителниот акт или ќе го отфрли како неоснован.

Поврзани новости