Играњето на картата „преговори“ што Груевски ќе го остават на чело на Владата за нас, либералите, е неприфатлива. Истото се однесува и на било кој премиер што би го предложила ВМРО-ДПМНЕ, а потекнува од сегашното раководство и владината екипа од таа партија. Бидејќи сега е момент да се резимира, а не да се ремизира.
Пишува Ивон Величковски
Во градењето на овие позиции не се земени предвид обидите на странските „посредници“ работата да се заврши што поскоро и само по методот „стап и морков“. Напротив, премиса е дека нивната игра ќе биде потешка, но покорисна за сите, толку колку што опозицијата и Заев ќе издржат на бранењето принципи, наместо само да се занимаваат со кадровски разместувања. Тоа што е политички најлесно, не значи дека на долг рок е одржливо и добро за системот, а европското посредништво треба да биде искористено за враќање на патот на создавање институции од европски тип во РМ.
Исто како што во равенката со повеќе непознати не ја изземам улогата што и досега ја имаа, а и од сега и ќе ја имаат ДУИ и ДПА. Правилно е предупредувањето што проструи викендов – дека опозицијата „или ќе биде со ДУИ или со Албанците“. Истото се однесува и на ДПА и на сите обиди албанскиот кампус „да се држи понастрана од кризата“. Не, тоа не е можно, затоа што сите прекршувања на човековите и граѓанските права и на законите од страна на власта етнички неселективно го допреа секој граѓанин без оглед на етничката, верската, јазичната… припадност. А, од бомбите (ќе) се слуша дека и прекршителите не се само етнички Македонци.
По разните информации за инсталирањето на некаква комисија која ќе ја консултира Владата што ќе си ја води Груевски или некој од неговиот тим, се создаде впечаток за тивка најава дека владиното кормило ќе продолжи да го управува сегашниот тим капетани на бродот. Тоа е гаранција дека македонскиот „Титаник“ ќе продолжи на курсот што неминовно ќе не судри со сантата мраз, а иницијативата на опозицијата е изгубена на подолг рок.
Едноставно, договор што ќе го одржи Груевски или било кој негов изданок на чело на Владата ќе биде напуштање на се што значи темелно враќање на легитимитетот и функционалноста на институциите, бидејќи партиски парцелизираната Влада „со сите внатре“ ќе продолжи да биде инструмент за партиско окупирање на институциите, овој пат со малку повеќе зачин. Секако, „големите“ на тој начин ќе си обезбедат алиби да си ги запоседнуваат доделените органи на управата и јавните претпријатија, а за се што не чини – ќе ја обвинуваат алиби-комисијата и, низ партиските инсталации во медиумите, ќе си купуваат простор за подобро позиционирање за изборите што тие самите, со премолчан договор, ќе се обидат да ги организираат најбрзо што се може – за се да се затскрие со нова доза предизборен маркетинг и адреналин.
Ви текнува дека единствено ЛП не ја потпиша онаа декларација за евро-атланска интеграција по „кризата 2013“? Сега е јасно и зошто – затоа што ниту тогаш ниту сега нема да бидеме алиби за нов договор со значење на „тоалетна хартија“ и ниту тогаш ниту сега нема да остапиме од суштинско решавање на кризата. Оти тоа што се случи во 2011, 2012, 2013 и трае од 2014 до денес е истата криза, а ако и сега, во 2015 не започне да се решава, следните договори ќе бидат каде да се постави границата. Не на кризата, туку на државата.
Затоа, стоп. Може да се премолчуваат, но клучните предизвици остануваат – Влада што ќе биде политички поддржана од партиите што ќе потпишат Договор за излез од кризата со кого сакате внатре – ама со политички идентитет, кој доаѓа, зад што стои, за колку време ќе го спроведува и – на чиј партиски предлог. Сега е момент да се види кој е кој и што е што, односно партиите и политичарите да си ја преземат одговорноста – слободно може да се каже – адекватно на големината. Ако не, да се задолжат Хан и тројката европратеници да издаваат лиценци за експерти.
Значи, зборуваме за Влада заснована на политичка обврска и за спроведување ПОПИС, меѓу другото и за реално прочистување на избирачкиот список. Влада заснована на ПРОМЕНА НА ИЗБОРНИОТ СИСТЕМ ВО ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА И ОТВОРЕНИ ЛИСТИ, но и Влада што ќе РЕСТИТУИРА ИМОТ СТЕКНАТ СО ПРИТИСОК И УПОТРЕБА НА ВЛАСТА И МОЌТА.
Било каков обид ова тивко да се премолчи од страна на ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ ќе значи едно – дека нивен заеднички противник се и партиите и граѓанското општество кои во „бомбите“ не гледаат средство за замена на едните со другите, туку промена на системот што е извор на перманентна институционална криза.
Сега е момент да се резимира, а не да се ремизира.