Одбраната на Заев бара обвинението за „Поткуп“ да се одбие како неосновано

by fokus

Во Основниот суд Скопје 1, на јавната седница за оцена на обвинителниот акт за случајот „Поткуп“, денеска не се се појави лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Сепак и во негово отсуство, обвинителот Владимир Милошевски, засилен со неговата колешка Спасенка Андонова, образложи зошто на Заев треба да му се суди, а неговата одбрана, пак образложи дека обвинителниот акт треба да се одбие како неосновано.

-Обвинителниот акт го побиваме во целост и предлагам советот да го одбие како неоснован. Делото кое му се става на товар на Заев не е кривично дело по закон и нема доволно докази. Фактичката состојба е непрецизна и нејасна, а самиот опис на делото е паушален. За да воопшто може да стане збор за кривично дело, нужно мора да постои ветување за подарок или примен подарок, истакна адвокатот Филип Медарски.

Тој додаде дека постои тенденција осомничениот да се терети со што е можно потешка квалификација, бидејќи како што истакна, не може со опис на едно обвинение, на еден кривично правен настан, да се терети за извршување на кривичното дело на два различни начини. Затоа појасни дека можеле да го гонат Заев или по став 1 или по став 2 од член 357 од Кривичниот законик, но не и по двата.

Одбрана на Заев беше децидна дека тој не земал пари, а ниту, пак, оштетениот донирал средства за изградба на црквата.

Одбраната побара и да се издвојат дел од доказите од предметот кои беа обезбедени со употреба на посебни истражни мерки, односно кога Заев бил тајно следен и сниман, бидејќи веќе беа објавени во јавноста. Исто така, не ги признаваат овие докази, бидејќи во предметот не била достапна наредбата со која биле спроведени овие истражни мерки, односно останува непознато колкав временски период Заев бил следен и снимен.

Обвинителот Владимир Милошовски, пак, побара на Заев да му се суди.

-Постојат доволно докази од кои може да се очекува донесување на осудителна пресуда. Бараме приговорот на одбраната во целост да се одбие како неоснован, пред се бидејќи е од нереален карактер и претставува коментар на доказите, истакна обвинителот Милошовски.

Според обвинението, Заев се товари за барање поткуп од околу 163.000 евра за приватизација на државно земјиште.

Судијата Јани Нича и членовите на судскиот совет ќе треба да одлучат дали и кое барање на двете страни ќе го прифатат.

 

Поврзани новости