Министерството за одбрана извести дека припадниците на Армијата на Република Македонија, распоредени на јужната граница каде е прогласена кризна состојба, ги имаат сите соодветни теренски услови за извршување на оваа комплексна задача. Нивниот став е целосно спротивен на сведочењата на граничарите дека немаат ни основни услови за работа, како греење, струја и кревети.
„Доколку ги посететите на терен ќе увидите дека припадниците на АРМ спијат на кревети во тврда градба со кујна во која се готви топла храна. Воедно поставени се и генератори на струја. Категорично демантираме дека припадниците на Армијата спијат во подрум и на земја! Дневниците за припадниците на Армијата течат редовно, согласно воспоставената процедура и динамика за исплата и во однос на тоа нема никаков застој. Буџетот на Република Македонија е јавен документ, кој можете да го најдете на веб-страницата на Министерството за финансии. Доколку ги споредите средствата, ќе видите дека постои и зголемување на средствата наменети за МО. Категорично ја одбиваме констатација дека средства од Министерството за одбрана се пренаменуваат за Министерството за внатрешни работи“, се наведува во дописот од Министерството за одбрана.