Со герила акција на плоштадот Филип II во центарот на Скопје група активистки го кренаа гласот против насилство врз жените. Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство го одбележа Меѓународниот ден насилство врз жените со транспаренти во рацете и крвави лица како потсетник за сите жртви.
-Оваа година 2015 се случија уште четири убиства на жени. Минатата година бројката на овој ден беше 16 убиени жени во последните 6 години, и ако добро се сеќаваме сите , на 25 ноември медиумите јавија за уште едно трократно убиство. За една година имаме вкупно 7 жртви на семејно насилство. Бројот на обидите за убиство е уште поголема. Сите овие убиства се извршени од членови на поблиското семејство, најчесто сегашни или бивши партнери. Во поголемиот дел од овие случаи постоело и веќе било пријавувано семејно насилство, велат од Мрежата.
Тие бараат ратификација на Истанбулската Конвенција за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство како најсеопфатниот меѓународен договор во оваа област во кој насилството врз жените е препознаено и дефинирано како кршење на човековите права. Во моментот Македонија е единствената земја во регинот која сеуште ја нема ратификувано Конвенцијата.