Власта се самоурива. Нешто како минирана зграда која постепено се изместува од своето тежиште и полека, полека, цела вечност се навалува сé до конечното струполување во прав и пепел. Велам дека власта се самоурива затоа што сите нејзини потези за спас веќе се однапред предвидливи. Со месеци наназад се зборува дека ќе заигра на меѓуетничката карта и, се случи Гошинце. На општ потсмев на македонската слободноумна јавност. Со месеци наназад се зборува за пресметка со критички настроените медиуми и, се случи лустрација на Јадранка Костова и погребен венец на Борјан Јовановски. Се случија и запалени автомобили во Битола, се случија и напади врз опозициски настроени луѓе и… се случи референдум во Центар за спас на Градскиот трговски центар. Владејачката партија, според предвиденото, испрати тајно соопштение до своите членови и симпатизери за бојкот на изјаснувањето, а нејзини емисари одеа по куќи за да ги убедуваат луѓето да си седат мадро.
И така, сите ние што излеговме во неделата на 26 април јавно да се изјасниме за изгледот на ГТЦ, сега сме во „црниот тефтер“ на Внатрешната македонска револуционерна организација, која се одѕива и на називот ДПМНЕ. Седумнаесет илјади луѓе со име, презиме, адреса, датум на раѓање и единствен матичен број. Седумнаесет илјади граѓани со големо „Г“ само од скопската општина Центар, со гордост, чест и достоинство, се истопорија против режимската окупација на нашиот заеднички простор. Седумнаесет илјади храбри жени и мажи се појавија на гласачките места со свест за ризикот дека нивниот идентитет ќе биде цел на проверки, испитувања и истраги. Едноставно, се осмелија, а тоа во овие времиња на страв, поделби и застрашувања, е голема работа.
И, нека не ми кажува никој дека референдумот пропаднал заради неостварениот цензус за излезност од 50 отсто од вкупниот број регистрирани гласачи во општина Центар. Тоа е административна норма, која во услови на бојкот од страна на една партија, невозможно е да се постигне, што го видовме уште во 2004 година, кога се одеше на плебисцит за територијалната поделба. Ако земеме предвид дека преку 95 отсто од од излезените гласале „за“ зачувување на сегашниот изглед на ГТЦ, тогаш процентот од 40 отсто центарци кои се против „стиропор – барокот“ на Груевски, воопшто не е мал. Колку е тој процент е голем, нека послужи следнава паралела: Груевски и неговата клика, кои ја тормозат државата речиси цела деценија со нивната мантра дека ја претставуваат мнозинската волја на македонскиот народ, уживаат поддршка од нешто помалку од 27 отсто од вкупниот број регистрирани гласачи во Македонија. Да преведам, тројца од четворица граѓани со право на глас во нашата држава, не го поддржуваат Груевски. А тој си прави што сака. Ова го пишувам во контекст на легитимитетот на референдумот, споредено со легитимитетот на режимот. Колку да се знае кој е кој и што е што.
И… да се вратам на првичната констатација – власта се самоурива. Го гледам Груевски и неговиот триумфализам поради „пропаста“ на референдумот за ГТЦ и спонтано ми доаѓа една порака до него:
Види вака, дечко. Ако мислиш дека мнозинството центарци, а со тоа и мнозинството скопјани го одобруваат твоето барок – глупирање со Скопје, должна сум најдобронамерно да те потсетам да не го чепкаш ГТЦ. Веќе имаш 17 илјади декларирани противници од Центар на твојот просторен интервенционизам и најмалку уште четири пати по толку од целиот град. Против себе ги имаш и студентите, средношколците и хонораците од целата држава, како и неидентификуван број граѓани на кои им е скиснато од тебе и од твојата дива орда. Немој ни да си помислил да го допреш ГТЦ.
Ова што го пишувам не е закана, не е уцена, не е дури ни предупредување до актуелната ни Влада. Ова е само поздрав.
Од Центар со љубов.
универзитетски професор Гордана Попсимонова