Од три месеци до пет години затвор им се заканува на осомничените за насилните протести

by fokus

Од три месеци до пет години затвор им се заканува на осомничените кои учествуваа на протестот на 5 јули, а кои се под сомнение дека фрлале со предмети кон Собранието.

-Основното јавно обвинителство Скопје, во врска со настаните пред Собранието на Република Северна Македонија на 5 јули, поведе постапка против осум полнолетни лица, за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело – Учество во толпа што ќе изврши кривично дело од член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, велат од Обвинителството.

Еве пак што стои во член 385 став 2 од КЗ.

„Ако при дејствувањето на толпата некое лице е лишено од живот или тешко телесно повредено или настапила штета од големи размери, учесникот во толпата за самото учество, ќе се казни со затвор од три месеци до пет години“.

Осумината осомничени се млади, шестмина на возраст од 18 и 22 години, и по еден на 30 и 36 години. Пријавени се и тројца малолетници но за нив постапката ќе се води посебно, согласно Законот за правда за децата.

Од Обвинителството посочија и детали за дејствијата на осомничените.

-Осомничените, за време на јавен собир на граѓани, учествувале во толпа и заеднички дејствувале така што започнале да ја влечат заштитната метална ограда поставена од МВР. Oткако ја оттргнале оградата, со тврди предмети – камења, бекатон плочки, железни предмети, сообраќајни знаци, корпи за отпадоци, пиротехнички средства и молотови коктели започнале да фрлаат кон зградата на Собранието.

Притоа, на еден полициски службеник му нанеле тешка телесна повреда, а на 27 полицајци распоредени во полициски кордон за заштита на зградата на Собранието и чување на јавниот ред и мир, им нанеле телесни повреди. Со дејствијата осомничените ја оштетиле фасадата на Собранието, искршиле прозорци, го искршиле објектот за обезбедување поставен од МВР, оштетиле полициска опрема и едно полициско возило, велат од Обвинителството.

В.В.

Поврзани новости