Од портали во Панама се злоупотребуваат имињата на лекарите, велат од МВР

by Fokus 13:22
13:22

„Кардиол“. „хипертеа“, „детоник“, „диатеа“, „простамид“, „кето диет“, сите овие „чудесни препарати“ ја демантираат науката и ветуваат брзо излекување на дијабетесот, простатата, уринарните инфекции, срцевите болести…

Ваквите лажни објави за лекови, кои наводно можат да ви помогнат, во најмала рака се неетички и нехумани, а истовремено можат да бидат опасни и да го загрозат здравјето на луѓето.

Со само еден клик на интернет, неверојатниот „лек“ е порачан, а следниот ден се јавуваат оператори како преставници на компанијата за само да ја потврдат нарачката и во рок од 3 до 5 работни дена ја добивате на домашна адреса.

„Фокус“ провери како функционира оваа шема, па се обидовме во два наврати да порачаме два производи, едниот „кардиол“, за регулирање на притисокот, и другиот „диатеа“ за лекување дијабетес.

Веднаш штом кликнавме на производот, ни стигна порака дека нарачката е извршена. Експресно, во текот на следниот ден ни се јавија оператори, за да ги потврдиме нашите лични податоци, но ние преку телефон ја откажавме порачката на „моќните лекови“.

Од друга страна, самата реклама за лекот уште поверодостојна ја прави и „интервјуто“ со познат лекар, кој треба да претставува авторитет за пациентите и на полесен начин да ги убеди да го купат производот. Како што дознава „Фокус“, имињата на многу познати лекари се најдоа на листата на злоупотребени за побрза заработувачка.

Еден од нив е и познатиот кардиохирург Сашко Кедев, кој многу години е професор и работи на скопската Клиника за кардиологија. На непознат портал е објавено интервју, наводно со него, во кое тој промовира лек за прочистување вени. Но, тој не е единствен лекар чие име е злоупотребено.

Се обративме и до кардиохирургот, кој тврди дека никогаш не дал такво интервју и дека неговото име и фотографија се злоупотребени.

Пред точно две недели, тоа го пријавив во Агенцијата за заштита на лични податоци и во Министерството за внатрешни работи. Сѐ уште од таму немам повратни информации. Ви благодарам за интересот бидејќи овие измислени интервјуа може многу да им наштетат на пациентите“, вели доктор Кедев во изјава за „Фокус“.

За ваквите случаи испративме прашања и до МВР, од каде ни одговорија дека за сите пријавени случаи се преземаат соодветни мерки и активности за нивно расчистување.

„Од до сега извршените проверки можеме да ви потврдиме дека има такви случаи, како што е случајот на доктор Х.Д. од Клинички центар Мајка Тереза, кој во 2020 година во СВР СКОПЈЕ ЕДИНИЦА ЗА ЕКОНОМСКИ И КОМПЈУТЕРСКИ КРИМИНАЛ има поднесено пријава против НН лице кое на интернет страната https//wrestlzzqa.site/ објавило статија од наводно негово интервју изнесувајќи невистини за него дека наводно извршил тестирање на препарат за слабеење“, се наведува во одговорот од МВР.

Од таму уште додаваат дека  поднеле писмено известување до ОЈО Скопје, по што при извршените проверки е констатирано дека страната е од Р.Панама.

„Од Секторот за меѓународна полициска соработка се побарани проверки преку Интерпол во САД и Панама и се преземаат сите други потребни активности во координација со ОЈО. Но, бидејќи барате податоци кои изискуваат повеќе време за проверки по секторите во Министерството, за дополнителни податоци соодветно ќе ве известиме“, се наведува понатаму во одговорот.

Во Секторот за комјутерски криминал и дигитална форензика до сега има примено две пријави за злоупотреба на имиња на лекари со цел рекламирање на лекови и суплементи на непознати интернет портали.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Ирена Мулачка

 

Поврзани новости