Црвенковски: Договорот со Бугарија со таква содржина беше грешка, ги влоши односите

by Fokus 13:03
13:03

Договорот со Бугарија, не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја што компромис едноставно не е можен – оцени поранешниот претседател Бранко Црвенковски на вчерашната дебата во организација на Советот на амбасадори на тема „Предизвиците на македонската надворешна политика“

– Односите со Грција по потпишувањето на Преспанскиот договор се неспоредливо подобри отколку пред договорот. Сосема спротивно, односите со Бугарија се неспоредливо полоши после, отколку пред потпишувањето на договорот. Или да бидам директен. Потпишувањето на договорот за пријателство и соработка со Бугарија со таква содржина, посебно со формулацијата за „заедничка историја“ и формирањето на мешовитата историска комисија со мандат да арбитрира околу историските настани и личности беше голема грешка – рече Црвенковски.

Тој смета дека македонската јавност и македонското општество во целина треба да се подготви, и од страна на власта и од страна на опозицијата, дека блокадата од страна на Бугарија може да потрае во подолг временски период и дека заради тоа нема да ги почнеме преговорите со Европската Унија.

– Тоа за Македонија се разбира не е добро, но никако не смее да се доживее како национална трагедија која ќе не парализира. Напротив, треба да претставува поттик да почнеме многу посериозно и поодговорно да си ги средуваме работите дома. Процесот на преговори за е исто толку важен, ако не и поважен од самиот чин на стекнување полноправно членство во ЕУ, затоа што во изминативе 30 години независност на Македонија се покажа дека за жал, не постои доволно силно изразена политичка волја (значи не капацитет, не потенцијал, туку волја) да спроведеме било која суштинска реформа ако не постои поттик односно притисок од надвор.

Поврзани новости