Од почетокот на следната недела ќе се вакцинираат вработени во критичната државна инфраструктура и за нив ќе бидат одвоени 4 000 вакцини од првичните 24 000 на „Астра Зенека“ кои пристигнаа викендов преку Ковакс механизмот.
Ваква одлука денеска донела Националната техничка група за имунизација, соопшти Министерството за здравство (МЗ).
Ова, како што објаснуваат здравствените власти, ги опфаќа: вработените во МВР и Армијата, новинари, враборени во судовите и обвинителствата, возачите на автобусите на ЈСП, пожарникарите, воспитувачките во градинките и вработените на патарините.
Секоја институција, како на пример МВР и Армијата, треба да достават списоци на вработени кои се приоритетни согласно ризикот.
-Со оваа одлука техничката група за имунизација смета дека ќе се заштитат оние вработени кои имаат најмногу контакти и се во голем ризик. Сите останати групи согласно степенот на ризик ќе бидат вакцинирани во следните фази и апелираме за трпение и разбирање, велат од МЗ.
Со останатите 20 000 вакцини кои пристигнаа изминатиот викенд од утре ќе почне имунизацијата на граѓаните над 75 години.