Од понеделник ќе се одлучува дали обвинетите во „Монструм“ ќе се бранат од слобода

by Fokus

По денешната одлука на Врховниот суд да се укине првостепената и второстепената пресуда за „Монструм“ и случајот да се врати од почеток, дополнително во текот на наредната недела ќе се знае и дали обвинетите ќе излезат од притвор и ќе се бранат од слобода.

Како што појаснува претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски надлежноста да одлучува за притворот ја има Кривичниот совет во Кривичниот суд. И, адвокатот Насер Рауфи вели дека Советот на Основниот суд Скопје 1 по службена должност ќе мора да се произнесе дали ќе се укине притворот за обвинетите.

„Очекувам да излезат на слобода или да им бидат одредени мерки на претпазливост бидејќи повеќе не постои правен основ истите да останат во притвор бидејќи поминаа две години од подигање на обвинител акт“ – изјави Рауфи.

Дел од обвинетите подолго време не се во притвор, туку издржуваат затворска казна, нешто што самите го побарале. веќе издржуваат затворска казна

Ова право, кое не е регулирано со законска одредба, туку е дозволено со судска пракса, го користат голем број на обвинети, односно и пред правосилно да бидат осудени бараат да ја издржуваат казната, бидејќи условите во притвор се многу полоши од затворските. Според информации од одбраната, само обвинетиот Сами Љута е во притвор, а Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири и Хаки Азири издржуваат казна затвор, а Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се во бегство. Но, според одбраната, иако дел од обвинетите издржуваат казна, тоа не го спречува нивното право да се бранат од слобода, бидејќи казната е неправосилна.

Според правните експерти кои ги консултиравме, голема е веројатноста обвинетите и понатаму да се држат зад решетки, бидејќи кривичното дело кое им се става на товар е многу сериозно. Сепак, според Судот за човекови права во Стразбур, дури и за вакви дела терорзиам, не е дозволиво обвинетите да се држат во затвор повеќе од четири години пред правосилноста на пресудата.

Овие обвинети пак се веќе петта година зад решетки. Од друга страна пак Законот за кривична постапка исто така предвидува дека обвинетите не можат да се држат во притвор повеќе од две години, сметано од периодот на подигање на обвинителен акт до првостепената пресуда.

Но според математиката и според досегашната пракса на Кривичниот суд, обвинетите од подигање на обвинение па се до првостепената пресуда со која беа осудени на доживотен затвор поминале една година и осум месеци во притвор, што значи дека им преостануваат уште четири месеци, согласно закон, да ги држат затворени. Но ова значи и дека од стартот на повтореното судење,  првостепената пресуда ќе мора да биде донесена во овој рок од четири месеци, бидејќи во спротивно обвинетите по сила на закон ќе мора да се бранат од слобода.

Петкратното убиство кое им се става на товар на обвинетите беше извршено на 12 април 2012 година кај Смиљковското Езеро, каде што беа убиени четири момчиња и рибар.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости