407
Намалување на старосната граница за пензионирање на рударите, денеска најави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Таа од Македонска Каменица соопшти дека од 2019 година измените за рударите предвидуваат жените да се пензионираат со 35 години работен стаж, додека мажите со 40 години работа.
– Навистина ни е драго што сме тука да ја споделам радоста заедно со рударите од овој крај за идните мерки за пензионирање во рударскиот сектор. Како што ветивме на самиот почеток на мандатот и пред мандатот донесовме закон со кој што бенефицираниот стаж ја добива својата улога за рударите. Со него е предвидено жените да може да се пензионираат со 35 години стаж, додека мажите со 40 години навршен работен стаж, рече Царовска.
Рударите за една година работа добиваат бенифициран стаж од 18 месеци.
Од МТСП појаснуваат дека со предлог измените и дополнувањата на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, рударите чиј стаж се смета со зголемено траење, добиваат намалување на возраста за пензионирање пропорционално на времето поминато на работа со бенефициран стаж и најавуваат дека ќе продолжат со ветените активности во делот на бенефицираниот стаж за што веќе е подготвена анализа со поддршка на Светска банка. Велат дека ќе се прави и ревизија на сите работни места за кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење.
– На рударите кои со години се бореа за ова, им ја честитам победата. Она што останува е Владата на наредните седници да го донесе овој закон, што кога беше објавен не доби никакви коментари, што значи дека сите се согласуваат со него, додава Царовска.
Ване Насковски, ВД претседател на синдикалната организација на Рудникот Саса, го поздравува законот и вели дека ќе значи многу за рударите.
– Во Саса има околу 40 рудари кои со овие измени во законот ќе добијат бенифициран стаж и ќе заминат во пензија од први јануари, во другите рудници мислам дека има нешто повеќе, тоа не е оптоварување на пензискиот фонд и мислам дека од тоа отстапка нема, вели Насковски.