Зоран Кардула: Децата со нетипичен развој се дискриминирани, промени се случуваат бавно, а ние како родители старееме

by fokus 14:28
14:28

За една седмица ќе почне новата учебна година, а основците и средношколците полека се подготвуваат да седнат во училишните клупи. Во македонскиот образовен процес често се случувало дискриминација на одредени групи на ученици, во тие групи спаѓаат и децата и лицата со нетипичен развој.

Македонскиот графички дизајнер и сликар, Зоран Кардула, апелираше, со стартот на новата учебна година да им се посвети малку повеќе внимание на децата со посебни потреби.

- Advertisements -

Како што вели Кардула кој е родител на девојче со аутизам, МОН треба повеќе да поработи околу оваа проблематика во иднина.

„Децата и лицата со нетипичен развој се дискриминирани секојдневно и по многу основи. Тука секако спаѓа и образовниот процес. Инклузијата е законски загарантирана, но во реалноста не функционира. Родителите имаат потешкотии да ги запишат децата во градинка, основно и средно образование. Системот не е подготвен во вистинска смисла да ги прифати, а камоли да работи со нив. Школите немаат кадар обучен и спремен. Едноставно и да имаат волја не умеат како да се носат со предизвикот. Стручен тим кој ќе работи и кој го прати развојот на оваа категорија ученици не постои. Сѐ се сведува на можноста родителот да ангажира асистент кој ќе го прати детето на училиште. Од лани барем за општина Центар каде мојата ќерка посетува настава преку проект на УНДП и во соработка со МОН и МТСП се овозможи на 15-ина деца да им се додели образовен асистент. И оваа година проектот продолжува“, вели Кардула.

Исто така, Кардула предлага стипендирање на студенти кои во иднина би изучувале студии по дефектологија. Тој додава, дека сите институции треба да се вклучат кон подобрување на условите за децата со одредени пречки во развојот.

„Генерално е проблем што ние немаме системски решенија. Во драфт верзијата на новиот закон за основно образование стои дека на децата со нетипичен развој ќе им се доделува образовен асистент и дека посебна комисија составена од стручни лица ќе го прати напредокот на учениците. Останува да видиме како ќе функционира. Многу важно е да се каже дека стручните лица се дефицитарни. Некогаш и да имате средства и да нудите солидна плата не можете да најдете кандидат. Мора многу сериозно да се сфати овој проблем и да се работи на тоа. Треба сериозно да се размисли за стипендирање на студенти како би се стимулирале да запишат студии по дефектологија. Потоа програма која ќе им овозможи да посетат центри надвор од Македонија и се стекнат со искуство и нови знаења. Како и да е проблемот е сериозен и не треба да биде само на плеќите на МОН, МТСП. Мора да се има соработка од министетство за финансии и целата влада. Промени се случуваат тоа е сигурно но темпото е споро. Нашите деца брзо растат, а ние старееме“, посочи уметникот, кој потекнува од Крушево.

51-годишниот Кардула ја издаде книгата „Гуш и Бац”, која била создадена од зборовите на неговата аутистична ќерка Ерато. Книгата содржи измислени 47 зборови на Ерато, преведени на 19 јазици, како и 47 илустрации на нејзините зборови создадени од 33 креативци. Најглавна цел на оваа книга, како што вели Кардула, е да се прифатат различностите.

„Гуш и Бац е еден одличен проект на кој сум посебно горд. Се почна од кога почнав да ги објавувам зборовите на Ерато кои се доста чудни различни и се само нејзини. Точно со намена си ги користи и заклучивме дека таа си има развиено свој јазик и кој си го користи. Ни требаше доста време за да ги откриеме значењето на зборовите. Реакцијата на луѓето на социалните мрежи беше одлично и така ми се роди идеа да направам една илустрирана книга со нејзини зборови и да бидат преведен на што е можно повеќе јазици. Кога им се обратив на дизајнерите во истиот момент добив повратен одговор дека многу им е задоволство да се вклучат и секако тоа се гледа во илустрациите кои ги направија. Книгата имаше за цел да се крене свеста за аутизам кај нас и и прифаќање на различностите на еден друг начин преку дизајн преку убави илустрации, преку покажување на еден друг свет кој е околу нас, но не го гледаме. Ефектот беше неверојатен, многу позитивна енергија. Со оглед дека целиот проект беше од хуманитарен карактер, се собраа средства за осум дечиња да можат бесплатно да посетуваат дефектолог, логопед и сензорна терапија шест месеци. Се надевам дека до крај на годината ќе излези и второто издание на „Гуш и Бац“ и сега ќеја има по книжари каде ќе може да се купи, а парите ќе одат за едукација како и од првото издание. Овој проект би сакал да продолжи зошто нуди одлични можности да се крене свеста за аутизам кај нас и во исто време да им се помогне на лицата со аутизам во инклузијата во општеството, ни изјави Кардула.
Јорданчо Цветаноски
ФОТО – НЕБОЈША ГЕЛЕВСКИ, ТЕАНО КАРДУЛА

Поврзани новости