Од „Мудротеката“ на резиденцијата на претседателот!

by lali

Во која ли резиденција е старо-новиот претседател Ѓорге Иванов? Ни недостасуваат неговите премудри мисли-водилки, бисери и „гафови. Во недостиг од „Мудротеката“ наречена „Хорхизми“, за полесно да ни поминат дождлививе горештини, да се потсетиме на некои од нив. Без ризик дека ќе нѐ прогласи за злобници и „изроди кои не ѝ мислат добро на Македонија“. Напротив, оти добро ѝ мислиме. За кутрите македонски граѓани кои останаа во татковината, а власта сѐ почесто ги праќа во „мајчината“, да видат како треба, и уште повеќе – како не треба!

Долго и непредвидливо лето во „трагично-фарсична“ Македонија. Час изгор горештини, час дожд истура. Тука, и старо-новиот претседател Ѓорге Иванов е немоќен нешто да направи. Плус, нешто го нема, се изгуби. Сепак, точни ќе да се гласините дека е тука некаде. Во некоја од резиденциите во Скопје или во Охрид, каде, велат „злобници“ – азил побарал. Што е сосема разбирливо, за да може на раат и без „вознемир“ да престојува. И, 102-процентно да ги врши најважните му државнички работи. Таму, во „Белата Куќа“ во која си има Грб кој нагалено го вика Лого, а и фанфари му свират. Меѓу нас е, ама премногу во јавноста не се забележува. Рака на срце, ни недостасува некоја премудра мисла-водилка, бисер или „гаф“, сеедно. Да нѐ насмее или расплаче, за полесно да ни мине времето. Оти, ионака сѐ е претешко, во секој поглед и на секој план – за повеќето македонски граѓани кои сеуште се во земјава. Останаа кутрите во Татковината, иако власта сѐ почесто ги праќа во „мајчината“!

Кога сме кај резиденциите, тие, како и секој стан или куќа, не може да се замислат без библиотека, фонотека, винотека и слично. Арно ама, претседателскиве резиденции кај нас, имајќи ги предвид сите „мудролии“ на „жителот, ќе се некомплетни ако немаат и „Мудротека“. Едно без друго не оди. Благодарејќи на интернетот, не беше тешко да се „хакира“. Ееј, па тоа е пребогата ризница, со кодно име „Хорхизми“! Кога може францускиот, пардон, американскиот претседател Џорџ Буш помладиот да има „Бушизми“, што пак ние, кои, нели, исто така, сме демократска земја, да останеме подолу.

И додека Иванов „гласно молчи“ и „тивко грми“, бидејќи не му била важна личната кариера, туку иднината на Македонија, во наредните броеви на „Фокус“ – ќе дадеме мал и скромен придонес во потсетување на некои од нив. А премногу се!

„COPY PASTE“ ПРИНЦИП

Длабоко копајќи во непресушната ризница, се откриваат фасцинантни факти. Прво, речиси сите главни политички и државнички мисли на Иванов за најважните прашања, теми и проблеми на Македонија, правени се по принципот „Copy Paste“. Па така, еднаш тие биле во говор, за дома или во странство, после ги читаме во некое интервју или писмо, па ги има и како изјава или соопштение… И сѐ така, во еден маѓепсан круг. А како да прочитавме, Иванов со неговите соработници говорите ги пишува на лице место, врз основа на искуствата и познавањата.

Второ, нема некои битни разлики меѓу она што може да се прочита од пред пет година – и од пред некој месец. Што е само силен доказ за претседателовата цврстина и конзистентност. И потврда дека тој останал оној истиот каков што бил и воопшто не се променил. Како што и тој се фалеше, а и премиерот Никола Груевски истакнуваше. Малку „чудно“. Човек во кино да отиде, или дете во градинка – па барем малку ќе се промени. А камоли „рекордерот“ во средби со светски државници?

Трето, како „јајце на јајце се“ соопштенијата од разговорите со претседателите на некои големи и значајни земји, како и со медијаторот Метју Нимиц. Во нив, покрај „клишето“, често има и „признание“ за лидерството на Иванов. Четврто, слично е и со бројните честитки по повод национални празници. Редовно се истакнува надеж за личен контакт, со цел да „продолжел“ дијалогот и да се продлабочеле односите.

Во овој избор на „Хорхизми“, малку ќе ги има оние недобројни за НАТО, ЕУ, името или односите со соседите, освен „најантологиските“. Оти, не само што се познати, туку и секојдневно се „чувствуваат“. Во духот, како што пред пет години Иванов кажа: „Мојата политичка агенда е јасна и недвосмислена: Македонија членка на НАТО и на Европската Унија, силна, почитувана и рамноправна, а нејзините граѓани горди, богати и среќни“. На почетокот на секоја година се оптимистички, а на крајот – песимистички и со лелекање. Кој помисли „фалиметно“ и „фијаско“ – срам да му е! Ама, само така, од рејтинг 1 во почетокот, се добива втор мандат. Без вообичаените деманти и дополнителни објаснувања што сакал да каже, бидејќи погрешно бил разбран. Сѐ на сѐ, една неверојатна леснотија на давање ветувања, изнаоѓање оправдувања и виновници и правење на „гафови“ и скандали.

Па, да почнеме! Без ризик дека ќе нѐ прогласи за злобници и „изроди кои не ѝ мислат добро на Македонија“. Уште помалку пак, за „сигнал на немоќ на одредени луѓе да се соочат со реалноста“, или „офанзива на очајот на луѓе-губитници“ кои „не сакаат да го признаат својот пораз и однапред бараат оправдување за нечиј успех“!

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИОТ СОН НА ПРОФЕСОРОТ ОД ВАЛАНДОВО!

„Јас сум пример дека од еден обичен човек дојден пред 30 години од провинција, кој имал желба да стане нешто – сум станал. На никого ништо не му должам.“

„Во предвечерјето на падот на комунизмот, влегов во јавниот живот, стоејќи на барикадите на демократијата и повеќепартизмот.“

„Не можев да му одолеам на предизвикот да учествувам на трибина на која ќе се зборува за системот на владеење на Црвенковски. Во Македонија се случува агонија на еден систем на владеење, кој е инсталиран од главниот креатор на македонската транзиција. Оваа трибина ми личи на парастос на еден иден политички мртовец или, пак, на лекарски конзилиум што се обидува на еден тешко болен да му даде дијагноза.“

„Етикетата од СДСМ веројатно се должи на тоа што тие сѐ уште имаат свест дека сѐ што е креативно им припаѓа ним, дека имаат право на сопственост на сѐ што е успешно во државата.“

„Како што е разликата меѓу Сонце и Месечина.“ – (одговор на прашањето „Која е разликата во владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ?)

„Македонија има моќ бидејќи има длабоки корења, некои сакаат да ги исечат или да ни кажат дека сме со плиток корен. Македонија навистина треба да се гордее со своето наследство, меѓутоа тоа мора да биде во функција на иднината. Иднината што нѐ очекува не е ни малку лесна.“

„Бидејќи ’бивша југословенска’ е состојба, а не е назив, останува единствено за нас дека сме Република Македонија и дека на тоа треба да истраеме.“

„Прашањето за името Македонија веќе не е проблем на Македонија, тоа е проблем на самата Америка. Бидејќи Америка во својата досегашна историја немала таков случај на толку длабока навреда и толку некој да ја засрами кога утрото претседателот на Америка кажа дека Македонија, Албанија и Хрватска ќе влезат во НАТО, а веќе вечерта таа одлука некој да ја промени, кажува дека веќе тоа е проблем и на самата Америка и проблем на самиот НАТО, тоа е нивен проблем.“

„Името ни е на некој начин нешто што нашите предци – умрените го оставиле на нас живите да го зачуваме за најродените, не е тоа само име, фирма или назив, па да го промениме. Тоа за нас е многу повеличествено, нешто што нѐ одржало во живот и сега ако нашиот идентитет е прашање на живот, каков е тој компромис кога треба вие да бидете полужив, нелогичен е, апсурден е спрема нас.“

„Никој нема право да бара промена на името на една земја, бидејќи во историја на дипломатија, во историја на меѓународни односи, во меѓународното право не постои акт, документ, институција, процедура која може да ви наметне да си го промените името, значи сите аргументи се на наша страна.“

СЕГА СМЕ ЗАГЛАВЕНИ ВО ЛИФТ!

„Силата што носи успех и сплотува е ВМРО-ДПМНЕ. Оваа Влада успеа да ги обедини сите околу себе. Откога во Македонија на власт е ВМРО-ДПМНЕ и Владата ја предводи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски дојде до одредена промена која сите што ѝ мислиме добро на Македонија ја почувствувавме.“

„Сега сме ние во еден заглавен лифт, блокирани сме и имаме некој статус на блокирана земја, тука е сега големата опасност, бидејќи сами знаете кога ќе заглавите во лифт, во даден момент почнува ксенофобија, почнува страв и почнува меѓусебно пресметување.“

„Дедо ми, Бог да го прости, велеше и затоа сме Македонци оти маката и во името ни ја ставиле, сѐ со мака да ги гледаме нашите соседи со каква леснотија влегоа во НАТО, ЕУ, како доаѓаат кај нив странски инвеститори, кај нас сѐ тоа е со мака.“

„А со влезот во ЕУ, Македонија можеби ќе добие од сите најмногу и затоа ни се попречува тој влез, затоа што со ЕУ се остварува сонот на сите наши предци сите Македонци на Балканот да живеат без граници.“

„Македонската дипломатија има историска можност, но и обврска да ја интегрира Македонија во европското семејство на држави и да помогне во градењето нова иднина за сите македонски граѓани.“

„На противкандидатот Фрчкоски му реков дека ТВ дуел ќе има кога јавно ќе се извини за сите лаги и невистини што ги кажал, за сето она што тој го правел, а ме обвинува мене. Како да прифатам дуел со човек кој вели дека нема противкандидат и концепт наспроти себе. Како ќе прифатите дуел со човек кој користи кафеанска терминологија, а сака да биде претседател на држава.“

„Затоа што на магарето му викаат чуш!“

„Тие што зло мислат, зло прават – наш народ вели – зло ги снаоѓа. Кога тогаш. Ако не сега, до седмо колено зло ќе ги следи.“

„Како не ти е срам да ме напаѓаш, губитнику еден. Лажеш дека сум колнел. Ако не бев јас со моите студенти, немаше да ги собереш потписите. Дното го допре. Немој да почнам да ти го вадам валканиот веш!“ – (до противкандидатот Ружин, 2009)

„Изјавата навистина не беше баш пријатна. Жалам што беше така интерпретирана. Сето тоа беше непотребно. Уште еднаш жалам. Бидејќи јас за три часа ги собрав потписите, ги замолив поранешните студенти да му помогнат на мојот сограѓанин. Тоа е чиста хуманост, чисто пријателство. Тоа е во сферата на етиката. Секогаш се чувствувам морален, сакам да им помагам на другите, и на што ќе личеше да не ги собере потписите, да го исмејуваат.“

„Обичните луѓе ми пренесуваат дека се заситени од лаги и од проклетства што некој се обидува да им ги наметне, луѓето се заситени од негативните работи во транзицијата.“

„Македонија е како мозаик, кога се гледа оваа уметничка творба од блиску, гледате само шарени камчиња, од многу далеку сликата е замаглена. Но од вистинска дистанца, вистинските луѓе го гледаат целото нејзино богатство.“

ШАШАВА КОСМОДИСК ДЕМОКРАТИЈА!

„Нашава демократија е како космодиск демократија. Шашаво изгледа, но Македонија функционира.“

„Најубавата француска салата е маседоан, секој вкус е сочуван, а богатството и прекрасниот вкус сепак го дава единството на вкусови.“

„Етничката политика е како висока математика, тешко се решава, но со вистински луѓе може да се менаџира, а претседателот на државата е тој што треба да обединува.“

„Нашите дедовци ги делеа на Срби, Бугари, Грци. Нашите татковци ги делеа на комунисти и вмровци. Нас сега почнаа да нѐ делат на словени и на антички. Доста ни се поделби.“

„Денес на некои им пречи, што веќе немаат муштерии за нивните лаги. Не можат да ги манипулираат граѓаните. Немаат повеќе сила да прават што сакаат. Фабриката Македонија веќе не работи за удобен живот на стотина семејства.“

„Антиквизацијата е алиби на некој што го вади овој процес од неговата главна линија. Тоа е за луѓето што пијат „антика“ во кафеана.“

„Луѓето сакаат да видат човек лидер кој може да води држава.“

„Мојсеј ги носел Евреите 40 години. Зошто? Зашто сфатил дека само луѓето родени во слобода знаат да ја чуваат и да ја бранат. Луѓе родени како робови никогаш не ја знаат вредноста на слободата и тие целиот живот се робови, и ментално. Ние денес, иако живееме во слобода, сѐ уште имаме луѓе ментални робови или луѓе кои се склони на доброволно ропство и на покорување на идеи што некој им ги нуди како апсолутни вистини.“

„Народот се засити од лаги, клевети и веќе е доволно зрел за да оцени што е вистина, а што е лага.“

„Дали ние сме виновни што тука со родила мајката на Филип, кој како долг спрема неа ја изградил Хераклеја, дали сме виновни што на овие територии живееле антички Македонци и дали сето тоа богатство треба да се закопа или да се остави некој да го краде и изнесува од државата.“

„Зарем повторно да веруваме на книгите што ни ги пишуваа во Белград за да ни отстранат дел од нашето верување и сеќавање и да нѐ направат луѓе со плиток корен за полесно да нѐ манипулираат.“

„По Букурешт има политички размислувања за менување на принципот за прием во членството во НАТО: наместо консензус, минус еден или минус два гласа.“

„Доста со тие стравови. Тоа беше политика на една власт на која ѝ беше потребно Македонија да биде постојано со Србија, да нема пријателство со Бугарија, со Грција, со Албанија, па сега и со Косово.“

„По многу години неуспеси, лаги, грабежи и манипулации, денес се чини дека македонските граѓани се поспокојни. Тие денес на политичката сцена може јасно да препознаат луѓе чесни и вредни, кои со огромна посветеност и одговорност работат за општото добро.“

„На граѓаните им е доста од празни фразеолошки ветувања, од сеење на стравови и лаги.“

„Затоа што покажавме – кога сме сплотени внатре, тогаш сме почитувани надвор.“

РАЗУМЕН КОМПРОМИС СИ Е РАЗУМЕН КОМПРОМИС!

„Разумен компромис е разумен компромис. Не можам да ви објаснувам. Веројатно како новинар треба да знаете за што станува збор. Јас не можам да ви објаснувам сега. Проучете го проблемот со преговорите што ги водиме со Република Грција и тогаш ќе можам да ви одговарам на прашањето.“

„Единствено успехот носи успех.“

„Пред сѐ треба да ја промениме свеста за себе, да престанеме да се квалификуваме со она што други нас нѐ нарекувале дека сме мали, неспособни Македончиња, конечно да сфатиме дека едноставно треба да станеме Европејци и да ги почитуваме европските вредности.“

„Создадовме криминални структури во земјава кои беа многу блиски со политичките фактори. Создадовме една група на богати луѓе кои се збогатија преку ноќ на нечесен начин. Создадовме свест кај населението дека ова е еден граблив капитализам – гангстерски капитализам.“

„Трагањето по корените секојпат е право на секој народ и тоа го правел секој народ на Балканот, единствено нам ни ускратувале да знаеме кои сме, бидејќи ако знаеме кои сме, знаеме и што сме.“

„Компромисот е како танго, потребни се двајца.“

„Јас имам решение за името. Македонија – 39 проценти, Грција – 51 процент. Затоа што нашата територија е 39 проценти од целата област Македонија, но ние сме 100 проценти Македонија. Вие сте само пет проценти Македонија од вкупната територија на Грција. Па, сега кој има право на името Македонија.“

„Но, и покрај тоа, Македонците не искажуваат омраза спрема грчките соседи. Независно од тоа дали сте во најмалото село во Македонија или во Скопје, луѓето го пијат грчкиот национален пијалок узо, јадат грчка салата и понекогаш слушаат грчка музика.“

„И ние сме за ерга омнес, а тоа име да биде Република Македонија.“

„Кога ќе дојде моментот, тогаш ќе дознаете.“

„Сведоци сме на една Европа која се мачи да го пронајде својот глас.“

„Сакаме да бидеме дел од Европа, но не по секоја цена.“

„Мислете на добро и правете добри дела. Кога мисли човек на добро и добро му доаѓа.“

„Наспроти сите напори на нашата надворешна политика, мора да знаеме дека почитта во странство најлесно се печали дома.“

„Демократијата тешко се добива, а лесно се губи.“

„Сакам јасно да порачам: Јас сум претседател, еден и еднаков за сите граѓани. Еден и единствен, со вас заедно, исправени пред сите предизвици. Претседател кој заедно со вас секој ден ќе работи за горда и богата Република Македонија. Силна држава Македонија, брзо, целосно и достоинствено интегрирана во светската заедница на слободни и демократски нации.“

„Човекот ја прави институцијата.“

„Можеби тоа не го пишува во Уставот, но должност на претседателот е да биде меѓу својот народ.“

П.С. И, што сега? По сево ова? Песимистот би рекол „ситуацијата е лоша што не може да биде полоша“. На тоа, оптимистот само би додал: Може, може…“. Јас, како и старо-новиот претседател. Тој не е ниту песимист, ниту оптимист, туку секогаш реалист . Е па, и јас така!

Продолжува во наредниот број… и до крајот на мандатот! (вториот дел во утрешниот број на неделникот „Фокус“)

 

Bush Offff

„БУШИЗМИТЕ“ НА ЏОРЏ БУШ ПОМЛАДИОТ

Џорџ Буш помладиот, 43-от претседател на САД, покрај со војната во Ирак по терористичкиот напад на „Кулите близначки“ во Њујорк на 11 септември 2001, ќе остане запаметен и со надалеку познатите „Бушизми“. Ги дефинираат како невообичаено користење на англискиот јазик со несоодветни или погрешни зборови и фрази, граматички неисправно и погрешно изразување во јавните говори и изјави, семантички и јазични грешки во изговорот, создавање на неологизми.

„Бушизмите“ редовно ги следеше влијателниот американски „он-лајн“ магазин „Slate“ (основан 1994) и неговиот главен и одговорен уредник Џејкоб Вајсберг, познат политички новинар и колумнист. На овој сајт, со наслов „Сите Бушизми“ и поднаслов „Претседателовата случајна духовитост и мудрост“, со напомена „често се ажурираат“, ги имаше сите гафови, „бисери“ и лапсузи. Во осумгодишниот мандат (2001-2009) неколку стотици се, кои Вајсберг, креаторот и авторот на серијата „Бушизми“, ги објави во две одлично продавани книги. Ова е избор на некои:

„Знам дека човекот и рибата може да коегзистираат на мирољубив начин.“

„Јас сум Врховен командант, јасно. Не треба да објаснувам зошто ги кажувам работите. Тоа е интересна работа да се биде претседател. Можеби некој треба мене да ми објаснува зошто нешто говори, но јас не чувствувам дека некому должам објаснување.“

„Нашите непријатели се иновативни и снаодливи. Тие не престануваат да размислуваат за нови начини како да ѝ наштетат на нашата земја и на нашиот народ, а ниту ние не престануваме.“

„Според моја оценка, кога САД велат дека ќе има сериозни последици, а ако нема сериозни последици, тоа создава негативни последици.“

„Само запомнете дека птиците би требало да страдаат, е не ловецот.“

„Огромното мнозинство Ирачани сакаат да живеат во мирољубив, слободен свет. И ние ќе ги најдеме овие луѓе и ќе ги изведеме пред правдата.“

„Јас сум господар на ниските очекувања.“

„Мислам дека војната е опасно место.“

„Јас исто така не сум многу аналитичен. Знаете дека не трошам многу време во размислување за себе, за тоа зошто јас ги правам работите.“

„Прво, да разјасниме, сиромашните луѓе не се нужно убијци. Само затоа што се случило да не си богат, тоа не значи дека сакаш да убиваш.“

„Ви ветувам дека јас ќе слушам што ќе биде кажано овде, дури и да не сум тука.“

„Сфатив дека немирите на Блискиот Исток создаваат немири во целиот регион.“

„Јас знам што верувам. Ќе продолжам да го зборувам тоа во што верувам и тоа што верувам, јас верувам дека е исправно.“

„Ние потрошивме многу време разговарајќи за Африка. Африка е земја која боледува од неверојатна болест.“

„Ние сме загрижени за сидата во нашата Бела куќа – не правиме грешка во врска со тоа.“

„Сѐ повеќе и повеќе од нашиот увоз доаѓа од странство.“

„Открив дека очекувањата се издигаат над она што се очекувало.“

„Тие погрешно ме проценија како лидер.“

„Јас не знам дали ќе победам или не. Мислам да. Јас не знам дали сум подготвен за работата. И, ако не сум, тоа е само начинот како тоа оди.“

„По целосна анализа… јас ја разбирам емотивноста на смртната казна“.

„Мислам дека ние се согласивме, минатото е завршено.“

„Јасно е дека тоа е буџет. Има многу бројки во него.“

„Јас го разбирам растот на малите бизниси. Јас бев еден.“

„Читам весници.“ – (одговор на прашањето за неговите навики за читање)

„Ако Источно Тимораните одлучат да се бунтуваат, сигурен сум дека ќе имам изјава.“

„Ми беше чест да се ракувам со храбриот ирачки граѓанин чија рака беше исечена од страна на Садам Хусеин.“

„Нема поголема задача од заштита на татковината на нашата земја.“

„Нашата земја мора да биде заедно за да се обедини.“

„Оние од нас кои поминале време во земјоделскиот сектор, разбираме колку е нефер смртната казна.“

„Во таа недела во 1989, имаше протести во Источен Берлин и во Лајпциг. До крајот на таа година, секоја комунистичка диктатура во Централна Америка беше урната.“

„Не можам да те слушнам бидејќи не можам да те видам.“

„Чест ми е да ви говорам како лидер на вашата земја. И голема работа за Америка е што не мора да слушате, освен ако сакате да слушате.“

„Една од големите работи за книгите е што понекогаш има некои фантастични слики.“

„Мислам дека ние сме добредојдени Ирак. Но, тоа не беше мирно добредојде.“

„Верувам дека колку што е можно побрзо, на младите крави треба да им биде дозволено да ги преминуваат нашите граници.“

„Оние кои во земјата влегуваат илегално го прекршуваат законот.“

„Господ ве сака, и јас ве сакам. И може да сметате на нас двајцата како силна порака до луѓето кои се прашуваат за својата иднина.“

„Јас не чувствувам дека имам нешто премногу важно да кажам за големите национални прашања.“

„Јас ви кажувам дека тука е непријателот кој сака повторно да ја нападне Америка, Американците. Тоа е реалноста на светот. И јас му посакувам сѐ најдобро.“

„Една од работите важни за историјата е да се запамети вистинската историја.“

„Јас ги напуштив принципите на слободниот пазар за да го спасам системот на слободниот пазар.“

„Ти е*ан кучкин син. Видов што напиша. Ние нема да го заборавиме тоа.“

Поврзани новости