Од можни ривали до тандем за партискиот трон

Кои се Ковачевски и Зечевиќ, кандидати за први луѓе на СДСМ?

by Фокус

Откако се уште актуелниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев најави повлекување од функциите, како резултат на поразот на последните локални избори, повеќе имиња се споменуваа како негови можни наследици. Во таа насока, неофицијално се лицитираше со имињата на Дане Талески, Петре Шилегов, Стефан Богоев, Бојан Маричиќ, Јован Деспотовски, Љупчо Николовски, Сања Лукаревска, Венко Филипче…

Првично, во ниту еден партиски брифинг не беше споменато името на заменик-министерот за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ Димитар Ковачевски, кој подоцна стана еден од тројцата кандидати за партиски лидер, а со тоа и за премиер, заедно со Јован Деспотовски и Фросина Ременски.

Дека неговата кандидатура беше крајно изненадувачка, неочекувана и непредвидлива, говори фактот што една недела откако Фокус објави дека Ковачевски е фаворит да го наследи Заев и на партиската позиција и на премиерската функција, ниту еден друг медиум не ја пренесе информацијата.

Иако важи за помалку експониран во споредба со другите споменати лица, кои, патем речено, вршеле многу повисоки партиски и јавни функции, сепак, Ковачевски влегува како фаворит на денешните непосредни внатрепартиски избори, од причина што зад него отворено застана Заев, како и дузина други членови на партиското раководство и на Владата.

ОБРАЗОВАНИЕ И ИСКУСТВО

Имено, Димитар Ковачевски е доктор на економски науки и вонреден професор на Факултетот за деловна економија и менаџмент на Американ Колеџ. Во неговата официјална биографија стои дека магистрирал на економскиот факултет во Скопје, а докторските студии по економија ги завршува на Економскиот факултет на Универзитетот Црна Гора.

Покрај тоа, стручно усовршување поминува на Школата за Бизнис при Харвард Универзитетот, Европскиот претприeмнички колоквиум на Техничкиот Универзитет во Минхен, Ротердам Школото за Менаџмент при Еразмус Универзитетот во Холандија и ЕАДА Бизнис Школото во Барселона, Шпанија.

Притоа, Ковачевски работната кариера ја започнал во Македонски телеком, каде бил и директор на управување со маркетинг и продажба, на маркетинг комуникации и на резиденцијална продажба. Потоа, станува Извршен директор на Оне Вип Македонија, дел од Телеком Австрија Групацијата.

Воедно, тој бил дел е од низа меѓународни и домашни проекти, додека во 2020 година беше дел од Економскиот Советот на Владата за справување со економски последици предизвикани од пандемијата од вирусот Ковид-19. Во Владата што ја формираше Заев после минатогодишните парламентарни избори, тој стана заменик-министер за финансии.

ОБЕДИНУВАЧКА КОМПОНЕНТА

Освен што е близок соработник на Заев, со кого заедно студирале на скопскиот економски факултет, Ковачевски бил дел од ИО на СДСМ и во времето на Бранко Црвенковски, поради што се смета дека неговата кандидатура за партиски лидер има и обединувачка компонента.

Впрочем, такво нешто посочи и Заев, кој отворено го фаворизираше Ковачевски и пред сопартијците и во јавноста, промовирајќи го во негов наследник. Во една прилика, Заев јасно изјави дека смета оти Ковачевски ќе ја обедини партијата.

Партиското обединување е и една од јавно прокламираните цели на Ковачевски, кој во тој контекст изјави: „Се случија и внатрешни несогласувања што резултираа со поделби на изборите. Моја главна цел ќе биде да ја обединам партијата и да ги надминеме разликите…“.

Инаку, треба да се истакне дека таткото на Ковачевски – Слободан Ковачевски, своевремено бил градоначалник на Куманово. За време на ватрепартиската кампања, едно од првите места каде тој ја презентираше програмата беше токму Куманово, а доби поддршка од министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ Оливер Спасовски.

„БУЛДОЖЕРОТ НА СДСМ“

Откако веќе стана јасно дека адутот на Заев за нов лидер и премиер ќе биде Ковачевски, амбиции за лидерската функција пројавија повеќе луѓе, вклучително и Миле Зечевиќ, кој веднаш по распишувањето на внатрепартиските избори почна да остварува теренски посети низ партиските комитети.

Како што е познато, откако Заев и Радмила Шекеринска го презедоа управувањето со партијата во 2013 година, поранешниот директор на тајната полиција Зечевиќ беше назначен за организациски секретар. Од оваа позиција, тој одигра битна улога за консолидирање на партијата и во подготовките и организацијата на Шарената револуција.

Сепак, по доаѓањето на СДСМ на власт, неговото име почна да добива негативен публицитет, пред се, откако се дозна дека неговата адвокатска фирма соработувала со јавни претпријатија и државни компании. Во меѓувреме, тој стана член на Надзорниот одбор на „Стопанска банка – Битола“ како предлог на АД „Пелистерка“, чиј прв човек е опфатен со предметот „Империја.

Сепак, Зечевиќ, кој сам себе се нарече „булдожерот на СДСМ“, одлучи да не поднесе кандидатура во законскиот рок, потенцирајќи дека не му била целта да влезе во преговори да партиска функција. Но, веднаш потоа тој почна да се појавува рамо до рамо со Ковачевски пред партиското членство, поради што претпоставките се дека треба да биде генерален секретар во новото партиско раководство.

Влатко Стојановски

Мини-портретите за другите двајца кандидати за претседател на СДСМ-Јован Деспотовски и Фросина Ременски, може да ги прочитате на следните линкови:

„Човек на Шекеринска“ во трка за наследник на Заев

Бившата соработничка против миленикот на Заев

Поврзани новости