Бившата соработничка против миленикот на Заев

Мини-портрет на Фросина Ташевска-Ременски, кандидат за претседател на СДСМ.

by fokus

Фросина Ташевска-Ременски, поранешна потпретседателка на СДСМ и блиска соработничка на премиерот и лидер на СДСМ во оставка Зоран Заев, на изненадување на јавноста одлучи да влезе во трката за избор на лидер на СДСМ.

Нејзината одлука да се кандидира за наследник на Заев беше неочекувана, но на овој натпревар му дава посебен шмек со оглед на умереното искажување на незадоволство од својата партија, додека другите двајца кандидати повеќе се вклопуваат во генералните партиски контури.

ПРВ ЧОВЕК ОД ВЛАСТА КОЈ СЕ СООЧИ СО ОБВИНЕНИЕ

Ременски беше првиот функционер од владејачката партија кој се соочи со обвинение, по што беше разрешена од потпретседателската функција во партијата или сама се повлече, сеедно. Исто така, набргу се збогува и со пратеничката функција и потпретседателското место во Собранието.

Оттогаш, таа не е дел од „највисокиот ешалон“ н СДСМ и не учествува во креирањето на партиските политики, но истовремено таа учествува во креирањето на јавното мислење како експерт, професор на Факултетот за безбедност, поранешна пратеничка и политичарка.

Особено е активна на социјалните мрежи каде редовно ја известува јавноста до каде е судскиот процес што се води против нејзе за „Меѓународен сојуз“ во којшто е обвинета заедно со Бојан Јовановски или Боки 13, кој го опишува како процес во којшто нема ниту еден доказ против нејзе.

Според обвинението, Ременски со својот углед и авторитет го поддржувала Боки 13 на средбите со оштетените, давајќи му совети и упатства за да оштетените стекнат доверба во наводниот проект за изградба на старечки домови, и однапред да уплатат одреден износ пари и да ги потпишат договорите.

Овој случај се изроди неколку години откако Ременски беше министерка за труд и социјална политика, а Боки 13 почна да се занимава со хуманитарна акции каде наводно помагаше на социјално загрозени семејства. Како министерка, Ременски често се појавуваше со Јовановски на овие хуманитарни организации.

РУСКОВСКА Ѝ Е „ОМИЛЕН“ ЛИК ЗА КОМЕНТИРАЊЕ

Во тој период, беше формирана организацијата „Меѓународен сојуз“, каде Ременски беше избрана за почесен претседател. Но, со Боки 13 не се појавуваше само Ременски, туку многу високи функционери на СДСМ, кои често беа ексклузивни гости во неговата 1 ТВ.

За неа овој случај е плод на пропагандни манипулации во кој, според него, од многумина во СДСМ била избрана токму таа да биде, како што вели, мечка во тој циркуз во режија на Русковска (Вилма Русковска, актуелната раководителка на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција).

– Токму тој случај беше искреиран на крајно нездрав и правно неодржлив начин за да се направи мое одвраќање од намерата за длабинска реформа на безбедносно-разузнавачката заедница која беше извор на сите хаварии во поновата демократија. Овој случај е најгрубо политичко насилство врз жена во политиката, однапред предодредено на неуспех, смета Ременски.

Во своите објави на Фејсбук, таа особено ја критикува Русковска, која ја опишува како сервилен извршител на наредбите на режимот.

Професорката своевремено беше потпретседател на Светскиот македонски конгрес, којшто со години го води Тодор Петров. Од оваа организација, којашто строго ги промовира националните вредности и македонштината, Ременски стана дел од партија којашто ги промовира европските вредности и којашто додека беше на власт го смени името.

„МАГАРЕ НЕКА СТААТ, НЕ ТАА СО ПЛЕТЕНКАТА“

За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, Ременски како професорка на Факултетот за безбедност беше остар критичар на Министерството за внатрешни работи, коешто го водеше Гордана Јанкулоска. Остана позната една од „бомбите“ во јавноста во којашто Јанкулоска за Ременски вели „Магаре нека стаат само онаа со плетенката да не биде продекан“.

Ременски беше дел од „Шарената револуција“, а во 2013 година беше избрана за потпретседател на СДСМ. Таа го водеше министерството за труд и социјална политика, како дел од техничката владата која беше формирана во 2015 година по договорот од Пржино.

По победата на изборите на СДСМ на изборите во 2016 година, таа стана пратеничка, а потоа и потретседател на Собранието. Иако имаше амбиции за прв човек на Министерството за внатрешни работи, сепак, упатените велат дека таа ја загуби внатрепартиската битка со актуелниот министер Оливер Спасовски.

Утре Ременски ќе се соочи со фаворитот на Заев – Димитар Ковачевски, кој настапува во тандем со Миле Зечевиќ, како и со Јован Деспотовски, кому, оправдано или неоправдано, му се препишува етикетата „човек на Радмила Шекеринска.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Поврзани новости