Од лош човек не бива добар премиер

by lali

На крајот на годината, која заокружи едно застрашувачко владеење чии последици Македонија допрва ќе ги трпи, премиерот ќе мора да се погледне во огледало, колку и да го мрази тоа. Кога лустрото на функцијата ќе му биде тргнато, ќе остане само она со кое сме соочени сите. Дека е обичен човек. А од кој тип обичен човек е тој, може да се види на секој чекор во државата што ја води.

Што ќе остане од Никола Груевски човекот ако му го одземеме Никола Груевски премиерот. Ќе му дојдат трите духови на минатите, сегашните и на идните времиња, како во бајката на Чарлс Дикенс, нема да биде ништо друго, освен еден беден Ебенизер Скруџ, кој го мрази човечкиот род, не знае за милосрдие и сочуство. Духот на минатите времиња ќе му го покаже до смрт претепаниот Мартин Нешкоски и татко му, кој се уби на еден суров начин, ќе му ги покаже сите луѓе што изгинаа за ништо, ќе му ги покаже сите пензионери и чиновници кои ги направи свои клиенти, оние што едвај врзуваат крај со крај, многу сиромашни деца што се на смоки и вода и други што се хранат од контејнери. Духот на сегашните времиња ќе му ги покаже сите луѓе што ги уценува, на кои им праќа депеши за тоа што сѐ треба да направат за да можат да преживеат под неговата чизма, ќе му ги покаже сите негови продолжени раце, кои утре би му свртеле грб и од кои направи нешто, а беа никој и ништо. Духот на сегашните времиња ќе му ги пушта снимените разговори за да си ги слушне своите министри, нивниот простотилак, необразованост, нечовечност, глупост и сите човечки особини што се одлика на нелуѓе. Крлежа би му рекол: Со кого јас тоа живеам, јато гуски. И ќе биде во право, не Груевски, туку Крлежа.

Кога ќе му се одземе функцијата, ќе остане само едно: лош човек. Негрижлив човек. Фрустриран човек. Човек што не избира зборови и не избира средства за да дојде до целта. Гневен човек, кој изгради општество на гневни луѓе. Сите гневни од различни причини. Едни што ништо немаат и други што сѐ имаат.

Но, најважен во приказната за премиерот е духот на идните времиња. Верувам дека тој не ја знае „Божиќна песна“. Сега е време да го зaтворат во просторија сам со филмот, кој пред неколку години го снимија со Џим Кери во главната улога. Обичен анимиран филм во продукција на Дизни. Да му го пуштаат со репетиција, сѐ додека не укапира за што се работи во животот.

Кој ќе му остане на Никола Груевски човекот, кога ќе го снема Никола Груевски премиерот. Можеби само шоферот. Другите што ги уценува со она што го знае за нив, ќе му вратат со уцена поголема и поспектакуларна. Ќе го имаат во рака повеќе отколку што тој ќе ги има нив. Што ќе остане од него кога ќе ги нема државните пари и ќе му останат само неговите. Ќе брцне в џеб некого да потплати, да залепи уште некоја фасада на фасадата, ќе брцне ли в џеб за да му помогне на некој болен да се излечи кога ни државни пари за лечење не дава. Неговите боксови тогаш ќе летаат во празно, неговиот боксерски јазик ќе предизвикува смеење, а неговиот од потсмев. Што ќе остане од човекот Никола кога ќе му ја снема државната финансиска поддршка, странските кредити и сите други туѓи пари што ги троши како свои? Си исполнува желби и хирови. Кому тогаш ќе му се потсмева, со кого ќе се мајтапи и пред кого ќе парадира како паун со перја на петел.

Кога пред името на Никола Груевски нема да стои премиер, ќе остане само едно. Лош човек.

Поврзани новости