Од јануари барање за пасош и лична карта по електронски пат

by fokus

Од 1 јануари уверението за државјанство ќе може да се издава и во електронска форма преку Националниот портал за електронски услуги или преку квалификувана електронска препорачана достава на електронска адреса. Граѓаните ќе можат по електронски пат да поднесуваат и барања за издавање на лична карта и пасош.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на својот фејсбук профил информира дека се усвоени законските измени за целосна дигитализација на процесите со цел подобрување на искуството на граѓаните при вадење на лични документи.

– Со цел подобрување на искуството на граѓаните при вадење на лични документи и спроведување на целосна дигитализација на процесите, ова раководство на МВР пристапи кон хармонизирање на законската регулатива со европското законодавство, со тоа што беа предложени законски измени коишто Собранието на Република Северна Македонија ги усвои во март годинава, а стапуваат на сила 1 јануари 2023 година, наведува Спасовски.

Поднесувањето на барање за издавање на лична карта и пасош е овозможено согласно измените и дополнувањата на Законот за лична карта, Законот за патни исправи, Законот за лично име и Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето.

Поврзани новости