Аца Лукас ќе пее во Крива Паланка на фестивал финансиран од Министерството за култура

by fokus

Популарниот српски турбо-фолкер Аца Лукас доаѓа во Крива Паланка на 28-ми август и ќе има концерт во склоп на фестивалот Џој фест 2022.

Покрај конторверзниот музичар, истата вечер на сцената ќе се појават и Црвена Јабука и диџеј Гоце, а пак вечерта пред тоа, на 27-ми август, ќе настапат Каролина Гочева, Бени и Нон Стоп и Брас Брадрс.

Ова е 9-то издание на фестивалот, кој имаше две години пауза поради пандемијата со корона вирус, а во минатото важеше за настан на кој се нудеше квалитетна рок музика и гостуваа музичари како Влатко Стефановски, Ареа, Ван Гог, Рибља Чорба, Студени нозе, Нокаут, Бајага и Инструктори, Ален Исламовиќ и други. Токму поради тој имиџ на настан каде традиционално се промовира рок и поп музика, изненади одлуката годинава помеѓу музичките гости да се најде и Лукас.

Инаку, Џој фест е во склоп на манифестацијата „Кривопаланечко културно лето 2022″ која ја организираат Општина Крива Паланка, ЛУ Градски музеј и НУ Центар за култура, во соработка со повеќе локални здруженија од областа на културата и уметноста, а е финансирана од Општина Крива Паланка, Министерство за култура на Република Северна Македонија, како и останати поддржувачи.

Фестивалот, односно Здружението за културни и уметнички дејности Џој Фест Крива Паланка, годинава доби и буџетски средства во висина од 153.000 денари од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2022 година.

Кога Министерството за култура ги објави резултатите од Конкурсот, во февруари годинава, појасни дека предност имале проекти кои промовираат култура, посебно на домашните уметници.

-Министерството за култура поддржа проекти кои се во функција на развојот, афирмацијата и промоцијата на културата, со распределба на буџетските средства во услови на пандемија и на економска криза, без да се наруши принципот на приоритет на квалитетот, а не на квантитетот.
Во вакви услови, дадена е предност на домашната „жива култура“. Особено внимание е посветено на поддршка на проекти на млади, на проекти наменети за деца или за лица со посебни потреби. Поддржани се и голем број проекти во кои до израз доаѓа интеркултурноста, а еднакво се водеше сметка за правичната застапеност по етничка основа и за родовата рамноправност-информираа од таму.

Буџетот одвоен за овие проекти за 2022 година изнесува една милијарда педесет и три милиони денари, односно околу 25 милиони евра.

Вики Клинчарова

Поврзани новости