Од голем реформатор до „мал диктатор“

by Фокус

Демократијата го загуби своето значење во Македонија, оцени Ерван Фуере, амбасадорот на ЕУ со најдолг стаж во земјата коментирајќи ги изборите во април годинава кои донесоа уште една убедлива победа на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. На почетокот на мандатот на Фуере, во ноември 2005, Македонија доби статус на земја-кандидат за членство во ЕУ и се сметаше за ретка, успешна приказна на Балканот. Фуере ја напушти функцијата во 2011 година, разочаран и критичен кон она во што земјата во меѓувреме се претвори. Во колумна за „Балкан Инсајт“ ќе оцени дека ВМРО-ДПМНЕ ја претвори Македонија во „држава во која владата ги контролира сите лостови на моќта, вклучително и судството и изборниот процес, не толерира никакви малцински или критички гласови и користи страв и закани за да ја наметне својата власт врз општеството“.

Ветувањето за „преродба“

Ентузијазмот на македонските гласачи кои во 2006 му дадоа големо мнозинство на Груевски во парламентот, беше навидум споделена и во западниот и германскиот печат во тоа време: „Реформатор“, „Реалист во Скопје“, „Прагматичар ориентиран кон Западот“- гласеа дел од насловите во 2006-та во водечки европски весници. Мандатот на Груевски требаше на Македонија да и донесе „преродба“, како што навестуваше и името на неговата партиска програма- тој ветуваше економски раст, подобрен животен стандард, работни места и најважното- членство во ЕУ и НАТО. Овие ветувања останаа константа иако и во следните години Груевски и неговата партија победуваа убедливо на сите изборни циклуси.

Денес, економијата во најголем дел е онаму каде што беше и во 2006-та, невработеноста сѐ уште се врти околу 30 проценти, а членството во НАТО и во ЕУ не се ни на повидок. Постои очигледно назадување во демократските стандарди, па Македонија денес, како што објаснува Анастас Вангели, докторант на Полската академија на науки во Варшава, се смета за „демократски назадувач“.

„Во основата се наоѓа моќна и длабоко вкоренета владејачка елита, која акумулираше толку многу ресурси што сега е речиси непоместлива и која создаде сопствени правила во политичката игра, но исто така успеа да ја промени и перспективата на државата и на општеството како целина“, вели Вангели за ДВ.

Нема награда- нема реформи

По осум години од денот кога започна мандатот на Груевски како премиер (27 август 2006), неговото портретирање од страна на западниот печат како прогресивен реформатор, исто така е далечна историја. Последниот пат кога еден влијателен европски весник, имено швајцарскиот „Ноје Цирхер Цајтунг“, објави портрет на Груевски и осврт на состојбата во Македонија, над фотографијата на македонскиот премиер стоеше наслов: „Малиот диктатор“.

Она што ја претвори Македонија од „успешна приказна“ во уште една „проблематична земја“ на Балканот беше грчкото вето на самитот во Букурешт во 2008, смета Андреас Ернст, долгогодишен известувач од Балканот за швајцарскиот „НЦЦ“, и автор на споменатиот наслов.

„Тоа и го одзеде поттикот на политичката структура во Македонија. Зошто една политичка елита да спроведува либерални реформи, на штета на својата моќ, доколку за тоа не добие престижна награда преку евро-атлантските интеграции?“, вели Ернст.

По Букурешт, Груевски и неговата партија јаваат на бранот на еден популистички и етно-центричен наратив кој резултираше со проектот Скопје 2014. Центарот на градот претрпе голема преобразба, со десетици згради во нео-класичен стил, Триумфална порта, и како врв на проектот бронзена статуа на Александар Велики. Во 2013 година владата тврдеше дека проектот чинел околу 208 милиони евра, но опозицијата и критичарите се сомневаат дека сумата достигнува многу повеќе- близу 500 милиони евра.

„Скопје 2014 е многу скап обид да се инсинуира дека модерна Македонија има антички корени“, вели Андреас Ернст. „Дали Скопје 2014 ќе ја постигне оваа цел ќе видиме, но резултатите досега се: ескалација на конфликтот со Грција и голема буџетска дупка“.

Се менуваат дури и школските учебници, па децата сега учат дека се наследници на античките Македонци и Александар.

„Целта на антиквизацијата и на Скопје 2014 е зајакнување на моќта на владејачката елита, од една страна преку силна етно-националистичка митологија, а од друга преку презентирање на имиџ на влада која е активно вклучена во градителски проекти“, вели Вангели.

Успешна пресметка

Во отворено писмо до своето членство во 2008, ВМРО-ДПМНЕ им порача да се подготват за „финална пресметка со транзициските политичари“. Оттогаш бројни опозициски политичари завршија во затвор или беа обвинети за разни кривични дела. Критичките медиуми беа маргинализирани или едноставно затворени, како што беше случајот со А1 телевизија во 2011. Малкуте независни и критични новинари кои останаа се под закана од тужби или казни, и постојано се цел на дискредитација во водечките медиуми кои сега се под целосна контрола на владејачката партија. Како резултат на таквиот развој, Македонија денес се наоѓа на 123-то место на листата на Репортери без граници според индексот на слобода на говорот, огромен пад од 39-то место во 2009. Сличен е трендот и кај други меѓународни организации, како Фридом Хаус, на пример.

На 24 декември 2012 година, опозициските пратеници и новинарите беа насилно исфрлени од парламентот за време на расправата за буџетот. И новиот состав на парламентот, формиран по парламентарните избори, почна со работа без опозицијата, откако најголемата опозициска партија СДСМ се одлучи за бојкот обвинувајќи го Груевски за манипулирање на априлските избори.

Атмосферата на страв и закани ја почуствувал и Ернст, како што самиот објаснува:

„Пред една година за првпат почувствував (од 1999 година), дека една личност која ја интервјуирав во кафуле го стиша гласот додека критикуваше еден политичар. Мислам дека стравот е претеран, но функционира“.

Регионален модел

Политичките аналитичари велат дека падот на демократските стандарди во Македонија последниве години не е исклучок во регионот, туку напротив, школски пример за авторитарните тенденции кои се множат во Југоисточна Европа.

Флориан Бибер, професор на Универзитетот во Грац, Австрија кој постојано ги анализира случувањата во Југоисточна Европа неодамна оцени дека „заканата од популизам со авторитарни тенденции“ не е ограничена само на Западниот Балкан, туку вклучува и земји-членки на ЕУ како Унгарија, Романија и Бугарија.

„Моделот на ‘илиберални демократии’ (слободни но нефер избори, контрола на извршната власт врз судството и силно влијание врз медиумите) се чини дека се шири низ многу земји во источна и југоисточна Европа“, вели Ернст.

Фигури како Путин или Ердоган привлекуваат многу луѓе, додава тој, затоа што нивното нелиберално владеење ги зголеми безбедноста и богатството во нивните земји.

„Иако ‘нашите’ мали диктатори на Балканот го прават спротивното, изгледа дека и тие профитираат од престижот на големите браќа“, вели швајцарскиот новинар.

Путинизација на Балканот

Поранешниот амбасадор на БиХ во Турција, историчарот Хајрудин Сомун неодамна во анализа за турскиот весник „Денешен Заман“ ги идентификуваше ваквите тенденции како „Путинизација на Балканот“.

„Тие доааѓат на власт преку демократски избори и најавуваат демократски реформи, но го прават обратното. На клучни позиции ставаат нивни блиски соработници и роднини, дури и своите синови, и ги отстрануваат сите кои не мислат како нив или им се спротивставуваат. На ова се надоврзува и градење на култ на личноста“, пишува Сомун.

Според експертите, во основата на овие нелиберални демократии се култот на личноста и „дивиот“ неолиберализам. Тие се забележливи денес во земји како Македонија, Турција, Србија, Унгарија каде премиерите и претседателите уживаат неверојатна популарност креирани од медиумите и државната пропаганда.

Идеализираниот имиџ на „херојскиот“ политички лидер неодамна беше на сцена во Србија за време на катастофалните поплави, кога премиерот Александар Вучиќ речиси секојдневно ја имаше главната улога во спасувањето на настраданите, делењето помош, издавањето наредби на потчинетите…

Во меѓувреме се зајакнуваат и врските и меѓусебната фасцинација меѓу овие земји. Новоизбраниот турски премиер Реџеп Таип Ердоган неретко е фален од провладините интелектуалци и новинари во македонските медиуми како „реформатор и лидер кој го демократизирал турското општество“. Ни тој не останува должен, па во неколку наврати последниве години испраќаше специјални поздрави од партиски митинзи до своите симпатизери на Балканот.

Восхитот кон унгарскиот премиер Виктор Орбан, се чини, е и на повисоко ниво, па во декември 2013 нему му беше доделен и највисокиот државен орден „8. Септември“, за посебни заслуги.

Тоа што Груевски гради силни врски со овие земји, особено со Унгарија, не е случајност, смета Анастас Вангели.

„Орбан спроведува ‘анти-сѐ’ идеологија која има за цел да произведе наратив на економска стабилност, национално достоинство и заштита од домашни и надворешни закани. Сите овие елементи играат многу важна улога и во политиката на Груевски по 2008“.

Стабилност наместо демократски напредок

На 28 август германската канцеларка Ангела Меркел ги покани балканските лидери на самит во Берлин. „Земјите кои сакаат да и се приклучат на ЕУ мораат да исполнат строги демократски услови пред да бидат сметани за кандидати за членство во заедницата“, порача таа летово.

Поканата сигнализира нова иницијатива од Берлин, откако регионот долго време беше многу ниско на агендата, делумно поради финансиската криза во ЕУ, но и поради заморот од проширување во Европа.

„ЕУ и особено Германија, кои ја презедоа улогата на САД на Балканот, се премногу зафатени и не се многу заинтересирани за случувањата во тој регион“, вели Андреас Ернст.

Иако Меркел ги наведе „демократските бенчмаркови“ како клучен услов за приклучување кон ЕУ, конференцијата во Берлин, во прв ред, ќе се концентрира на економски теми. Тоа е можеби уште еден показател дека Берлин и Брисел се далеку повеќе заинтересирани да ја одржат стабилноста во регионот, дури и по цена на пад на демократските стандарди.

„Сѐ додека лидерите, како српскиот премиер Александар Вучиќ, косовскиот Хашим Тачи, или македонскиот Груевски; гарантираат стабилност, никому не му е гајле за растот на нелибералните тенденции. Можеби комесарот за проширување на ЕУ е загрижен поради тоа, но секако не главните градови кои воопшто не се расположени за проширување“, вели Андреас Ернст.

(Текстот е преземен од „Дојче веле“ со дозвола на авторот)

Поврзани новости