Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска информираше дека вчера во рамки на предистражна постапка што се води во ова обвинителство, извршен е претрес на дом на лицето С.В. во Куманово, односно на началникот на кумановската полиција.
-Наредбата за претрес на дом е издадена од страна на Судија на претходна постапка од Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје. Цел на претресот беше пронаоѓање траги на кривично дело или предмети важни за кривичната постапка и нивно одземање. Одземени се предмети што содржат податоци во писмена форма и предмети што содржат податоци во електронска форма, во врска со кривични дела – Злосторничко здружување од чл.394 и Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 од Кривичниот законик, како и други кривични дела за кои се гони по службена должност, се вели во соопштението на Основното јавно обвинителство.
Оттаму велат дека немало наредба за приведување на началникот, туку само судска наредба за претрес.